Сопственикот на кошаркарскиот тим Лос Анџелес Клиперс, Доналд Стерлинг, имаше излив на бес за време на вториот ден од сослушувањата во случајот за продажбата на тимот од страна на неговата сопруга Шели.
За потсетување, НБА доживотно го исфрли Стерлинг од лигата откако беше објавен снимениот разговорот меѓу него и неговата љубовница, во кој 80-годишниот сопственик кажал неколку расистички навреди за Американците со африканско потекло. Соругата Шели Стерлинг потоа, како негов заменик, го продаде тимот на поранешниот извршен директор на „Мајкрософт“, Стив Балмер, за две милијарди долари.
Стерлинг жестоко се спротивстави на таквото сценарио, тврдејќи дека неговата сопруга нема право да го продаде клубот бидејќи не поседува ни мал дел од него. Покрај тоа, Стерлинг ја тужи лигата поради кршење на неговата приватност и за неправедно протерување од НБА.
– Слушнете ме добро и запомнете, јас никогаш нема да го продадам тимот и додека сум жив, ќе ја тужам НБА поради кршење на моите човекови права – изјавил налутено Стерлинг.
Тој објасни дека неговата сопруга нема никакви права да го продаде клубот.
– Таа не поседува ни една акција. Мојата сопруга се исплаши од челниците на НБА дека ќе ѝ одземат сѐ што има, па затоа го направи тоа – сведочеше Стерлинг.
На крајот на сослушувањето, Шели се обиде да му се приближи на нејзиниот сопруг, но тој бесно ѝ се развика.
– Тргни се од мене, свињо! – ѝ викна Стерлинг.
Сопствениците на останатите 29 тима од НБА на 15 овој месец ќе гласаат дали ја одобруваат продажбата на Клиперс на Балмер, а ако тимот не добие нов сопственик до 15 септември, лигата би можела да го стави клубот на аукција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


