| четврток, 6 декември 2018 |

Јованка Броз: Ме држат како во самица затоа што некои тајни на Тито се уште се „врели“

Вдовицата на Јосип Броз Тито, Јованка Броз тврди дека со години живее како во логор и е застрашувана затоа што е сведок на некои тајни кои се уште се врели и би ги нарушиле односите меѓу Србија и Хрватска. Во интервју за српскиот весник Вечерње новости, Јованка вели дека неодамнешниот грабеж во вилата во која живее во елитната белградска населба Дедиње не е случајна затоа што меѓу украдените работи имало и некои нејзини белешки.

–       Не ме ограбија обични крадци, туку луѓе кои точно знаеле што бараат. Нив ги испратиле оние кои се плашат од работите што ги знам и на кои сум била сведок долги години додека бев покрај Тито, вели Јованка која по смртта на Тито живее во вилата што и ја доделила државата цели три децении како во „привремено сместување“.

–       Не е точно дека од куќата не недостига ништо. Ми украдоа вазна Минг, венчан подарок од покојниот кинески претседаел Мао Це тунг. Се уште не преброив што се фали, но за сега знам со сигурност дека ми е украден накит, пари, но и белешки. Украдени ми се преписки со некои важни луѓе, на пример со Цветин Мијатовиќ и генералот Долничар, кој три и пол години откако ме истераа од куќата не ми ја врати облеката, вели Броз.

Јованка вели дека со години живее „како мора и како другите сакаат“ и тврди дека со децении е изложена на застрашување и исцрпување затоа што некои тајни на Тито се уште се врели.

–       Безбедносните сили по налог на некои луѓе не дозволуваат да било која информација одовде излезе. Па и во логор беше полесно, затоа што таму некој доаѓаше и те посетуваше, а јас 30 години минав во самица, рекла Јованка и потенцирала дека сега притисокот е уште поголем затоа што во тек е оставинската постапка.

Сепак, титовата вдовица не споменала конкретни имиња, но уверена била дека зад кражбата стојат луѓе „кои играле валкани игри во последните години од животот на Тито, а некои од нив и денес биле живи и моќни“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top