| четврток, 6 декември 2018 |

Обама ни праќа амбасадор со искуство во Советот за безбедност

Jess-L-Baily-1

Џес Л. Бејли е предлогот на американскиот претседател Барак Обама за амбасадор што треба да го замени актуелниот прв дипломат во Скопје, Волерс.

Предлогот на Обама во Скопје доаѓа од позицијата Заменик шеф на Американската мисија во Анкара, каде што заминал во 2011 година од позицијата директор на канцеларијата за прашања поврзани со  Југоисточна Европа во американскиот Стејт Департмент.

Предходно Бејли бил Директор на Канцеларијата на САД за политички прашања во ОН, при бирото за Меѓународни организации, каде што ги координирал политичките прашања пред Советот за безбедност и Генералното собрание на Обединетите нации.

Предходно бил дипломат во Ербил, Ирак, како американски регионален координатор за соработка со курдските власти и лидер на тимот за реконструкција на регионот Курдистан во Ирак.

Дипломатската кариера ја започнал во 1985 година и служел во Бангладеш, Сенегал, Тајланд, Турција и Холандија.

Од 2005 до 2007 година бил директор на Прес центарот за странски медиуми во Стејт Департментот на САД во Вашингтон.

Роден е во Синсинати, дипломирал на престижниот универзитет Јејл, магистрирал на Европска Историја на Колумбија, говори француски, турски и тајландски јазик.

Оженет е и има еден син.

Неговата номинација треба да биде одобрена од Сенатот на САД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top