| четврток, 6 декември 2018 |

Одбележана 1.000-годишнината на селото Слепче и манастирот „Св. Јован Претеча“

слепче

Општина Демир Хисар со голема манифестација ја одбележа 1000-годишнината од постоењето на селото Слепче, годишнината од смртта на Цар Самоил и основањето на манастирот „Св. Јован Претеча“.

– Денешниот настан ја симболизира длабочината на темелите на нашата опстојба, срцевината на тоа што почнало да живее пред 1.000 години. Денес се одбележува еден милениум на едно од најголемите македонски духовни и просветителски светилишта манастирот „Св.Јован Претеча“, но и се чествува милениумот од смртта на еден од најголемите македонски цареви Цар Самоил. На оваа ретка милениумска прослава може да позавидат и многу поголеми цивилизации и затоа од тука испраќаме силни пораки до светот за длабочината и крошноста на корените на ова парче македонска земја – изјави градоначалникот на Демир Хисар Љупчо Блажевски.

Според Владо Камбовски, одбележувањето на 1000-годишнината на едно од најдраматичните места во нашата колективна меморија, не може да не предизвика возвишен восхит од големото чудо што се нарекува македонски народ.

– Слепче не е метафора за пораз, туку за плодотворна борба за изразување на македонската национална самобитност длабоко вгнездена во колективната меморија која е есенција на нашиот национален идентитет. Тоа е аманет, македонскиот националнен идентитет да се чува и надоградува како сеопшто народно наследство, како народна обичајност и културна вековитост. Затоа нека е вечно паметењето на Слепче и на величествениот народен подвиг рамен на чудотворно, национално, културно воскресение – порача академик Камбовски.

Во уметничкиот дел на програмата, духовна порака до Европа и светот од Демир Хисар во име на актери од Албанија, Грција, Бугарија, Словенија, Хрватска и од Македонија, прочита Раде Шербеџија. За гостите од државата и странство, актери на битолскиот театар го изведоа рециталот „Херувимите на самоиловата круна“ од авторот Зоран Пејковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top