| четврток, 6 декември 2018 |

Руската инвестиција за балетанки во Демир Хисар – „Гришко“ се проширува

Grisko-Demir-Hisar

фото: кичево.мк

Првите шест месеци од официјалниот старт на единствениот погон надвор од границите на Руската Федерација – во с. Слепче, демирхисарско, познатата светска компанија за производство на балетска опрема „Гришко“, успешно ги заокружува, јавува кичево.мк.

Како што вети нејзиниот сопственик Николај Гришко на свеченото отворање во почетокот на март оваа година, во слепченскиот погон за производство на балетански обувки, веќе се обучени и работат 70 – ина лица. Радува фактот што, иако изработката е, речиси во најголем дел, исклучиво рачна и многу специфична за која што е потребно големо трпение, упорност и прецизност, најголемиот дел од вработените многу брзо ги совладаа вештините и тајните, и го „испекоа“ занаетот.

Деновиве во посета на погонот во Слепче беше првиот човек на компанијата кој беше гостин на градоначалникот на општината Демир Хисар Љупчо Блажевски. Двајцата поопширно и подетално разговараа и ги договараа активностите за започнување со реконструкција на женското болничко одделение каде што „Гришко“ треба да вработи уште околу 150 лица – од Демир Хисар, но и од поблиските општини како што се Крушево, Кривогаштани, па и Битола.

Треба да се очекува, со доаѓањето на Николај Гришко во Република Македонија кој имаше средба и со владини претставници, работите околу најавената реконструкција и отворањето на новиот погон, да се интензивираат, и уште претстојнава есен да започнат дел од градежните зафати.

Инаку според договорот помеѓу Општината Демир Хисар и компанијата „Гришко“ , објектот „Женско болничко одделение“ е закупено за период од 49 години, а во реконструкцијата која што во некои фази ќе опфати и многу сериозни градежни зафати, оваа позната руска и светска компанија ќе вложи повеќе стотици илјади евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top