Британскиот возач во Формула 1 Луис Хамилтон е победник на денешната трка за големата награда на Велика Британија што се возеше на патеката во Силверстоун.
Најголемиот конкурент на Хамилтон за титулата, неговиот клубски колега од Мерцедес, Нико Розберг не ја заврши трката во 29 круг поради проблеми со менувачот. Розберг до тој момент беше лидер но неговиот болид не издржа од турбуленциите кои се случуваа во текот на трката.
Уште во првиот круг трката беше стопирана поради инциндентот кој Раиконен го предизвика удирајќи во заштитната ограда. Паузата траеше повеќе од еден саат за да се санира оштетената ограда според Формула 1 правилата. Во овој инцидент настрада и Фелипе Маса кој ја возеше својата јубилејна 200 трка.
Импресивното возење на Хамилтон вроди со плод. Тој стартуваше од седмата позиција, но по само неколку кривини од стартот се најде на четвртото место. Розберг ја задржа пол-позицијата и лидерската позиција во трката.
По само неколку круга Хамилтон лесно дојде до четвртото место претекнувајќи ги возачите на Вилијамс. По откажувањето на Розберг, Хамилтон ја презеде првата позиција и до крајот само ја зголемуваше предноста. Валтери Ботас го зазема второто место, додека трет беше Даниел Рикардо од Ред Бул. На четвртото и петтото место се пласираа Џенсон Батон и Себастијан Фетел.
Со оваа победа Хамилтон видно ја намали разликата на само четири поени предност во корист на Нико Розберг.
ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН:
1. Нико Розберг (Мерцедес) 165
2. Луис Хамилтон (Мерцедес) 161
3. Даниел Рикардо (Ред бул) 98
4. Фернандо Алонсо (Ферари) 87
5. Валтери Ботас (Вилијамс) 73
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.