Во Ресен, Преспа, денеска ќе биде отворен 12. Интернационалниот театарски фестивал “Актерот на Европа”.
На свечено отворање на фестивалот ќе присустува и култниот актер Раде Шербеџија од Хрватска, кој оваа година е лауреат на престижно признание „Актер на Европа 2014“.
Фестивалот беше покренат во 2003 година, од страна на неколку балкански и европски театарски сонувачи, во духот на мислата на Жан Моне “Да се гради Европа значи да се гради мир”.
По прогласувањето од страна на Европскиот парламент на митското Преспанско Езеро за меѓуграничен европски парк помеѓу Грција, Албанија и Македонија, Преспа стана нов театарски хоризонт на европеизацијата на Балканот.
Наградата „Актер на Европа“ првпат беше доделена 2003 година, а ја понесе легендарниот балкански актер Љуба Тадиќ од Србија. Следеа Мариус Куркински од Бугарија, Бајруш Мјаку и Ѓорѓи Јолевски од Македонија, Моника Санторо од Италија, Костас Гакидас од Грција, Зијах Соколовиќ од Босна и Херцеговина, Роже Мирмон од Франција, Брус Маерс од Велика Британија и Ана Патерсон од Шведска.
Манифестацијата се одржува во организација на Езеро Без Граници, Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА и Општина Ресен, а со поддршка на Министерствот за култура на Република Макеоднија. Фестивалското жири го сочинуваат Мето Јовановски – претседател на жирито, Мартин Кочовски и Весна Гаврил – членови на жирито.
На фестивалот досега учествувале повеќе од 120 претстави од речиси сите европски земји
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.