| четврток, 6 декември 2018 |

Роџер Федерер против „престрогите“ правила на Вимблдон

Седумкратниот победник во Вимблдон, швајцарскиот тенисер Роџер Федерер, изјави дека правилата на овој турнир за носење исклучително бела облека за време на натпреварите се премногу строги.

Ова е првпат Федерер да приговори за инсистирањето на организаторот на најстариот тениски турнир во светот, сите натпреварувачи во машка и во женска конкуренција да носат само бели маици и куси панталони, а во бела боја да бидат и лентите околу главата и стегачите на рацете.

Еден од најуспешните светски тенисери на сите времиња минатата година имаше „проблеми“ со организаторите во Вимблдон, кога побараа од него да не ги носи портокаловите врвци на патиките.

Федерер годинава се спротивстави на „престоргите“ правила забележувајќи дека кога гледал снимки од турнирите кога играле Германецот Борис Бекер или Швеѓанецот Стефан Едберг, открил дека имало и друга боја на нивните дресови.

Извршниот директор на Сеанглискиот клуб за тенис на трева и за крокет, како што е официјалното име на организаторот на турнирот во Вимблдон, меѓутоа, не ги прифати приговорите на прославениот тенисер.

Во посебно соопштение, директорот Ричард Луис не го споменува Федерер, но е категоричен дека „правилата на турнирот ги обврзуваат тенисерите да се облекуваат во бело“.

Федерер смета дека Вимблдон и покрај својата традиција, која започнува во средината на 19 век, би требало да биде „помалку ригиден“ кога станува збор за правилата околу облекувањето на натпреварувачите.

– Мислам дека тие (правилата) се премногу строги, но јас ги политувам и ги разбирам, изјави во Лондон Рожер Федерер, изразувајќи надеж дека еден ден тие ќе се изменат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top