Металург денеска ги потпиша првите две засилувања за следната сезона. Нови ракометари на тимот од “Автокоманда“ се голманот Мирослав Коциќ (33 г., 2оо см.) и десниот бек Владан Липовина (21 г., 198 см.).
Мирослав Коциќ доаѓа од екипата на Војводина, а претходно настапувал за Дубочица, Планинка, Заечар и Железничар од Ниш. Коциќ има и настап во азијската Лига на шампионите, каде беше дел од екипата на Ал Џаиш. Репрезентативец е на Србија за која дебитираше во ноември 2013, против Чешка. Коциќ доаѓа како замена за Раде Мијатовиќ, кој кариерата ја продолжи во екипата на Чургу од Унгарија. Коциќ потпиша двегодишен договор со Металург.
“Презадоволен сум од можноста да заиграм за екипата на Металург, која секако е една од најдобрите во Европа, што и го покажа со своите пласмани во последните две сезони од Лигата на шампионите. Мило ми е што ќе играм во Скопје каде ракометот е повеќе од спорт. Знам дека во Металург конкуренцијата на моето место е жестока и јас исклучително ги почитувам и Станиќ и Митревски. Сепак, во колективен спорт каков што е ракометот најважно е сите тројца да бидеме во функција на клубот и сметам дека ќе има доволно натпревари во кои сите ние ќе имаме можност да ги покажеме своите квалитети. Морам да признам дека ниту во еден момент не се двоумев да ја прифатам поканата и да потпишам за Металург“, рече Коциќ.
Владан Липовина е еден од најталентираните и најперспективни млади ракометари во регионот, на позиција десен бек. Доаѓа од Асобал-лигата каде настапувал за шестопласираната екипа на Сиудад Енкантада, а претходно настапувал во редовите на црногорскиот шампион Ловќен. Липовина е репрезентативец на Црна Гора, а дебитираше против селекцијата на Германија, на квалификацискиот натпревар за пласман на СП 2015 во Катар. Тој доаѓа на местото на Никола Кеџо, а Металург го одбра меѓу неколкуте понуди од Шпанија, Франција, Полска и Данска. Липовина потпиша двегодишен договор со Металург.
“Мојот потпис за Металург претставува голем напредок во мојата кариера. Иако имав доста понуди, ја прифатив поканата на Металург бидејки тоа е екипа која учествува во Лигата на шампионите и постигнува феноменални резултати во ова натпреварување. Металург е познат по својата работа со млади ракометари, а тренерот Лино Червар е еден од најценетите во светот. Особено ми е мило што ќе играм покрај Ренато Вугринец од кого ќе имам што да научам. Се надевам дека ќе ги исполнам очекувањата на клубот и дека ќе имам можност да допринесам во идните успеси на Металург“, вели младиот бомбардир, кој 42 проценти од своите голови ги постигнува од растојание од девет метри.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





