| четврток, 6 декември 2018 |

Девет години од трагедијата кај Мостар, ќе се открие ли годинава вистината за смртта на претседателот Трајковски?

Девет години од авионската несреќа во која загинаа претседателот Борис Трајковски и осум членови на делегацијата. Исто толку години Македонија живее во очекување дека ќе ја дознае причината за трагедијата и околностите под почина претседателот. Оваа, за разлика од претходните години граѓаните имаат надеж дека конечно ќе се дознае вистината, откако минатата година босанските власти формираа нова комисија со која раководи Омер Кулиќ и која веќе почна со истрага за несреќата.

Новата истрага беше отворена во овој месец откако македонските истражители открија нови детали кои претходно не биле земени во предвид. Првата истрага беше затворена со заклучок дека кингерот паднал поради пилотска грешка.

Кулиќ соопшти дека во рамките на истрагата ќе бидат проверени сите нови докази, а во исто време ќе побараат да бидат испрашани функционери од Македонија, Босна и Херцеговина и од СФОР, меѓу кои француските контролори кои го воделе летот.

Претседателот Борис Трајковски загина на денешен ден во 2004 година во близина на Мостар. Покрај Трајковски животот го загубија уште осум членови на делегацијата: Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Претседателот патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, а кингерот се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Остатоците, како што официјално беше соопштено, биле пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.

Борис Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Беше втор претседател на Република Македонија во периодот од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top