Патријархот Вартоломеј нема да ја посети Македонија додека спорот меѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Српската православна црква не биде решен, бидејќи нема да може да се служи заедничка литургија.
– Пред да се реши проблемот не би сакал да доаѓам. Не ќе може да реализираме заедничка литургија. Се надевам дека во кратка иднина ќе имаме решение – рече Вартоломеј на денешната средба со претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски, одговарајќи на неговата покана да ја посети Македонија.
Вељаноски, пренесувајќи ги поздравите од архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, изрази надеж дека патријархот Вартоломеј ќе даде свој придонес за МПЦ-ОА да го најде соодветното место во православниот свет.
– Православните христијани во Македонија се за решавање на црковниот проблем – рече претседателот на Собранието.
Патријархот Вартоломеј рече дека за време на минатогодишната прослава во Ниш, претствници на СПЦ повториле дека спорот меѓу МПЦ-ОА и нивната црква има врска со ослободувањето на Јован Вранишковски.
– Нашите српски браќа постојано повторуваат дека ова има врска со ослободување од затвор на владиката Јован. Без да се ослободи на оваа тема не може подлабоко да се разговара. Вашиот одговор го знам, но доколку има добра намера од двете страни ова ќе може да се надмине – смета Вартоломеј.
Претседателот на македонското Собрание посочи дека доколку постои волја сите прашања се решаваат и оти е потребна малку волја од двете страни за да се надмине ова прашање.
За средбата со цариградскиот патријарх Вартоломеј, Вељаноски во изјава за медиумите рече дека тој изразил надеж дека во догледно време ќе се реши црковниот спор и оти како што католичката и православната црква се зближуваат така и е добро тоа да се случи и во целиот православен свет.
Ова беше последната средба од официјалната посета на Вељаноски на Република Турција.
– Република Турција е искрен пријател на Република Македонија. Можам да констатирам дека со Турција имаме извонредни односи и на политички и на економски план. Најбитно и најважно кај што Турција може да помогне е за голем број странски инвестиции во Македонија – рече Вељаноски.
Во рамки на официјалната посета на Турција, Вељаноски имаше средби со претседателот на Големото национално Собрание Џемил Чичек, со турскиот претседател Абдула Ѓул и со потпретседателот на турската Влада Булент Аринч.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.