| четврток, 6 декември 2018 |

Црковно-духовен блуд со Македонците!

Сега работите стануваат појасни. Меѓу другото, на пример, зошто пред само неколку дена МПЦ-ОА ја организираше прославата за 1000 години од „формирањето”, „постоењето” или „организиран црковен живот” на овие простори. Значи, не се знаеше што точно се прославува, ама важно беше да се прослави. А, тоа да ти било обична трка со времето. Да се стигне што побргу да се испрати „катил ферман” или барање до Цариградската патријаршија, отпосле се разбра и со „благослов” на премиерот Зоран Заев, МПЦ-ОА да влезе во канонскиот поредок само под името Охридска архиепископија, а тоа остатокот во форма на Јустинијана прима да остане како еден вид „уметнички впечаток” или „дојам”.

Познавачите на состојбите, пак, се децидни дека зад целата игра стои единствената цел да се избрише националниот карактер на МПЦ-ОА, односно да се „сотре” помесноста на македонскиот народ и неговото име. На тој начин, идната, нова Охридска архиепископија би добила статус сличен или ист со Антиохиската црква. Прашање е дали во историјата на православниот свет воопшто имало ваков црковно-духовен блуд со сопствениот народ, како што тоа сега сака и го прави МПЦ-ОА со Македонците!?

Изјавите на членот на Синодот на МПЦ-ОА и владика на Европската епархија, владиката Пимен, како и на црковниот портпарол, владиката Тимотеј, не се ништо друго, освен приказни за мали деца. „Џабе везат”, што би се рекло. Одлуката на Синодот и начинот на кој ќе биде донесена е позната уште од сега. Таа ќе биде позитивна и прифатена со просто мнозинство гласови.

И сега секој здраворазумен, без разлика верник или атеист, нека направи обична споредба меѓу постапките на бугарските и нашите владици. Бугарските одбија да присуствуваат, да присуствуваат, а не заеднички да богослужат со македонските, на прославата во Охрид. Образложението, меѓу другото, беше дека тоа би било предавство на нивните национални интереси! А, што да се каже околу тоа што прават сега нашите владици? Предавство?! Па, тоа би било благ збор.

Уште нешто за на крај. Не така одамна, кога беше испратено барањето на МПЦ-ОА до БПЦ-БП да и биде мајка црква, владиката Агатангел, кој патем речено беше против таквото барање, присуствуваше на една трибина, што ја организираше движењето Сите за унитарна Македонија. Секогаш будните медиумски чувари на власта и организаторите, и учесниците, и владиката Агатангел ги етикетираа како „клеро-националисти„, кои се против добрососедството со Република Бугарија. Сега истите тие го осудуваат и бараат повлекување на барањето на МПЦ-ОА до Вселенската патријаршија. Со други зборови, и тие стануваат „клеро-националисти”! Уште малку, изгледа, „клеро-националисти” ќе има на секој чекор!? Како, впрочем, и „националисти”. Македонски или „македонски”.

Пишува: Предраг Димитровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top