Скопскиот градоначалник Коце Трајановски на денешната прес-конференција ги повика сите заинтересирани кандидати кои имаат соодветно образование, кои поседуваат менаџерски способности и лидерски вештини и кои се подготвени за тимска работа да се пријават на Огласот за пројавување интерес за ангажирање лица на раководни позиции во Градот Скопје, во градските јавни претпријатија и во културните институции што се во надлежност на Град Скопје.
Огласот, како што нагласи Трајановски, се однесува на вкупно 16 раководни позиции во Градот Скопје, една раководна позиција во Противпожарната бригада на Град Скопје, 5 раководни позиции во културните установи на Град Скопје и 36 раководни позиции во јавните градски претпријатија „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Улици и патишта“, „Градски паркинг“, „Водовод и канализација“ и ЈСП.
– Сакам да нагласам дека сите пријавени кандидати имаат еднакви шанси да бидат примени согласно со нивните способности, образование, искуство и личен капацитет, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други лични околности. Сите пријавени кандидати кои ги исполнуваат законските услови за позицијата за која аплицираат ќе бидат повикани на интервју, дел од нив ќе бидат повикани и на тестирање и нивните податоци и препораки ќе подлежат на проверки, рече Трајановски.
Од кандидатите се бара да имаат повеќегодишно работно искуство и соодветно образование за преостанатите позиции, а за позициите во администрацијата на Град Скопје потребно е и повеќегодишно искуство во државна служба, да ги поддржуваат политиките на Град Скопје во областа за која се пријавуваат, да ги исполнуваат законските услови за позицијата за која се пријавуваат, како и задолжително да го познаваат англискиот јазик.
Можност за пријавување на овој оглас имаат сите кандидати кои своето образование го оформиле во Република Македонија или во странство.
Кандидатите кои се актуелни раководни лица на позициите кои се објавуваат во овој оглас или пак мандатот им истекува во 2014 година, раководни лица со истечен мандат или в.д. раководни лица на позициите за кои се објавува овој оглас, имаат право и можност повторно да се пријават за позициите кои досега ги извршуваат. Истите лица имаат можност повторно да бидат избрани од Градот Скопје врз основа на условите објавени во овој оглас. Сепак, Град Скопје тоа го смета како можност, но не и како обврска.
Градоначалникот Трајановски истакна дека овој оглас претставува Оглас за пројавување интерес, а не Оглас за вработување и истиот не е законска обврска на Град Скопје, но е со цел да се даде можност на што поголем број способни луѓе, да ги покажат своите квалификации.
Заинтересираните кандидати на овој оглас треба да се пријавуваат само по електронски пат. Апликацијата за огласот може да се најде на веб-страницата на Град Скопје –www.skopje.gov.mk/konkursi.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.