| четврток, 6 декември 2018 |

„Баскерфест“ утре и задутре во Охрид

baskerfest

Охрид утре и задутре првпат ќе биде домаќин на интернационалниот, мулти културен уличен фестивал „Баскерфест“

Главна атракција на манифестацијата е самба бендот „Барбароса“, а пред граѓаните на трите плоштади во Охрид и низ охридската чаршија ќе настапат комичари, жонглери, магеоничари, музичари,… од Шведска, Шпанија, Бразил и други земји.

– Охриѓани и гостите ќе имаат можност да уживаат во позитивните вибрации на „Баскерфест“, преточени преку музика во живо на познати музички бендови, пантомима перформанси, глума на улични театри, улични танчери, ликовни изложби и други креативни активности, што овој фестивал го прават вистински сплет на културни, уметнички и забавни содржини, истакна на денешната прес-конференција градоначалникот Никола Бакрачески.

Ги повика граѓаните на Охрид и гостите да се подготват за, како што подвлече, несекојдневно и незаборавно аудио и визуелно уметничко шоу, кое ќе ги воодушеви и ќе имаат можност да уживаат наредните два дена.

Уличните фестивали, додаде Бакрачески, се културна атракција во повеќе земји во светот и од тие причини локалната самоуправа во Охрид, сметаше дека е потребно да даде целокупна подршка на ументиците од овој фестивал со што ќе се вброи во листата на градови, каде овие улични фестивали претставуват традиција.

Вероника Шијаковиќ, претставник од органзиацијата на „Баскерфест“ изрази надеж дека на публиката ќе и понудат одлична забава, дека ќе има безброј посетители, кои ќе бидат задоволни со понудената програма и ќе ужива во она што артистите ќе го понудат.

– Има разновидна понуда, атракција е самба бендот „Барбароса“ кој плени прекрасна забава и го сплотува народот, подвлече Шијаковиќ.

Уличниот фестивал „Баскерфест“ во Македонија се одржува по деветти пат, до сега манифестацијата се одржуваше само во Скопје, а од оваа година програмата се прикажува и во други градови низ државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top