| четврток, 6 декември 2018 |

Путин: Обидите Украина да се принуди на избор меѓу Русија и ЕУ ја туркаат земјата кон поделба

Обидите Украина да се принуди да направи избор меѓу Русија и Европската унија ја поттикнуваат оваа земја  кон поделба, изјави рускиот претседател Владимир Путин, неколку часа откако Украина во Брисел ја потпиша спогодбата за асоцирање со ЕУ, пренесоа француските медиуми.

Vladimir-Putin-_2056186b
– Противуставниот државен преврат во Киев и обидите на украинскиот народ да му се наметне вештачкиот избор меѓу Европа и Русија украинското општество го турнаа кон поделба и кон болна внатрешна конфронтација – подвлече Путин во говорот емитуван на руската телевизија.

– Во југоисточниот дел на земјата се пролева крв, таму има вистинска хуманитарна катастрофа, десетици илјади луѓе бегаат од судирите за да најдат засолниште на друго место, па и во Русија –  посочи Путин.

Рускиот претседател повика да се продолжи примирјето меѓу украинските војски и проруските бунтовници, чиј рок истече денеска.

– Од суштинско значење е Украина повторно да тргне по патот на мирот, дијалогот и помирувањето. Но, прво треба да се утврди траен прекин на огнот и да се создадат услови за дијалог меѓу властите во Киев и претставниците на југоисточните региони на Украина – подвлече рускиот претседател.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top