| четврток, 6 декември 2018 |

Користат јавни добра, а не сакаат да платат за нив

Во моментов повеќе од 100 милиони евра црни пари завршуваат во сивата економија, за разлика од порано, кога таа сума беше многу повисока. Во регионот со повисока стапка на сива економија од нас се Грција, Косово и Бугарија. Трговијата, индустријата, земјоделството, туризмот и градежништвото, остануваат сектори во кои оваа појава е најзастапена

Сивата, или нелегална економија во земјава е намалена на 20 проценти, иако сѐ уште е висока за европски стандарди. Заслугата за нејзиниот пад може да се препише на подобрувањето на деловната клима, создавањето доверба на приватниот сектор и на граѓаните  во  администрацијата  и даночниот систем, како и многуте законски решенија што овозможија дел од парите што се одлеваа по оваа основа да се стават во законска рамка. Во моментов преку 100 милиони евра црни пари завршуваат во сивата економија, за разлика од порано кога таа сума беше многу повисока. Во регионот, со повисока стапка на сива економија од нас се Грција, Косово и Бугарија. Трговијата, индустријата, земјоделството, туризмот и градежништвото, остануваат сектори во кои оваа појава е најзастапена.Според странските стручњаци практиката покажала дека владите недоволно ја разбираат сивата економија и прават грешки кога се обидуваат да се соочат со неа. Според податоците, стапката на сива економија на Балканот е околу 30 проценти, што е повисока од  европското ниво, кое се движи од 12 до 15 проценти од БДП. Според стручњаците, во обид да купат социјален мир, владите се внимателни во борбата против сивата економија, што, пак, се одразува негативно врз ранливите категории граѓани, но и на општествениот и економски развој на земјата.

Според професорот Томе Неновски, во Македонија  по растечкото ниво на сивата економија во претходната декада од околу 50  проценти, од средината на минатата  деценија таа се намалува како резултат на повеќе мерки од надлежните институции. Намалувањето на сегашните 20 проценти, смета Неновски, се должи на  подобрената деловна клима, првенствено во областа на  даночната политика, фискализацијата, гилотината  во администрацијата, брзината на отворање  бизнис.

– Во изминатите седум-осум години неформалната економија е сведена на прифатливо ниво. Просечното ниво во европските  земји се движи од 12 до 15 проценти. Во Косово имаме висока стапка на сива економија, од повеќе од 50 проценти, Грција,  можеби, е со рекорд  во европската монетарна унија, а Бугарија со околу 40 проценти, е, исто така, некаде во врвот на сивата економија во рамки на ЕУ– вели Неновски.

Во следниот период, укажува Неновски, е потребно натамошно подобрување на деловната клима и зацврстување на  веќе воспоставениот здрав однос меѓу  јавниот и приватниот сектор, во смисла  приватниот сектор сѐ повеќе да му верува на јавниот сектор, административните бариери да се сведат на  што е можно помало ниво, да се продолжи со кампањата за тоа што значи сивата економија со сите негативни последици и да се укаже на населението  дека даночниот систем е стабилен и треба да му се верува.

Со исто размислување е и професорот Марјан Петрески.

– Процентот на сивата економија во вкупната економија во Македонија е сѐ уште висок, иако има блага тенденција на опаѓање. Подобрената регулативна рамка, подобрената деловна клима, генерално, но и подобреното извршување на законите, секако, придонело за овој пад. По мое лично убедување, во таа насока треба и да се продолжи и да се истрае. Ова е важно затоа што сивата економија е нелојална конкуренција на формалната економија, со оглед на тоа дека таа не ги плаќа давачките кон државата, а ги користи јавните добра (инфраструктура и сл.), кои се изградени од тие давачки. Дополнителен елемент во Македонија е и самото сфаќање дека јавното добро е неважно, односно отсуството на свест за значењето на јавните добра. Бизнисот ќе биде посилен ако функционира во силна држава – вели Петрески.

Според Љубомир Мишков од Универзитетот „Шефилд“, феноменот на сивата економија не треба да се потценува од творците на политиката во државите.

– Карактеристично за европскиот пристап при соочувањето со сивата економија е што има поголем фокус на потиснувачки мерки, отколку на стимулирачки за официјализирање на бизнисот и на непријавената работа – смета Мишков.

Треба да се има предвид, посочи тој, фактот дека сивата  економија е еден од инкубаторите за создавање претприемачи затоа што голем дел од легалните бизнисмени ја почнале својата работа како дел од таа економија.

– Токму затоа се потребни стимулирачки мерки бидејќи третирањето со многу рестриктивни мерки може да се одрази на нивото на претприемаштвото – посочува Мишков.

Според Јеромир Левичек, раководител на оддел за оперативни работи во Делегацијата на ЕУ во Скопје, скриената економија е феномен што постои во секоја земја и, генерално, се смета за показател за лошо економско управување  и за структурални проблеми.

– Според некои процени, големината на скриената економија на Балканот е повеќе од 30 проценти од БДП. Овие високи нивоа на неформалност нормално дека го спречуваат процесот на приклучување кон европските економии и создава маргинализирани групи на  популацијата. ЕК  во својот Извештај за напредок на Македонија забележи дека неформалната економија останува да биде предизвик и дека е постигнат ограничен напредок во делот на соочување со неформалниот сектор. Свесни сме дека претставниците на јавната власт се свесни за овој проблем и имаат волја  да се соочат со ова прашање – објаснува Левичек.

Проектот за набљудување на скриената економија, кој се спроведува во Македонија, го води Центарот за истражување и за креирање политики (ЦРПМ) заедно со Центарот за развој на демократијата од Република Бугарија, со поддршка на ЕИДХР програмата на Европската комисија.Во рамки на проектот е изработена збирка трудови од најдобра практика за следење на скриената економија. Проектот „Промовирање на доброто владеење и економски права преку засилување на капацитетот на македонското цивилно општество за вршење набљудување и за соочување со сивата економија во Република Македонија“ има за цел да направи процена и анализа на скриената економија во Република Македонија, како концепт, кој во себе ги опфаќа сродните концепти на сива економија, неформална економија и нелегална економија.

– Бидејќи опфаќа активности што не се формално регистрирани, скриената економија не може да се измери прецизно и да се процени нејзиното учество во вкупната економија на државата. Тоа предизвикува сериозни проблеми во планирање на економската и на социјалната политика. Истражувањата покажуваат дека нема готов модел на соочување со скриената економија, туку тој зависи од спецификите на државата. Затоа, особено е важно колку што е можно да се утврдат попрецизно параметрите на скриената економија (на пр. во кои сектори е најзастепена, на кои начини се манифестира (непријавување работници, даночно затајување и сл.), кои категории граѓани се најзасегнати за да може да се развие соодветен модел – велат од ЦРПМ.

Според нив, иако постојат различни начини на мерење на скриената економија (директни и индиректни), тие доведуваат до различни резултати.

– Па имаме процени за учеството на скриената економија во БДП од 45 проценти (според некои странски истражувачи) до 30 проценти според процените на Министерството за економија на РМ. Други домашни истражувања учеството на скриената економија во Македонија го поставуваат на 24 проценти од БДП (ЦЕА, 2012). Првичниот заклучок, како прво, е дека постои голем јаз меѓу различните процени на скриената економија во Македонија за кое, меѓу другото, причина е користењето различни методи со различен фокус. Како второ, сепак сите процени укажуваат на тоа дека скриената економија е висока, што претставува сериозен проблем за Република Македонија имајќи предвид дека нејзини нус-ефекти се социјалните тензии и растечката нееднаквост, корупцијата и криминалните активности. Дополнително, високата стапка на невработеност укажува на широка застапеност на скриените економски активности како начин на преживување меѓу најсиромашните слоеви од населението, но истовремено и механизам што ја ограничува нивната економска мобилност, па најранливите категории граѓани се задржуваат во кругот на сиромаштија. Граѓанското општество сѐ уште нема развиено култура на набљудување на јавната политика, особено во областа на корупцијата и на скриената економија, и се соочува со недостиг од методи и вештини за следење на овие појави и соодветно реагирање за нив – сметаат од ЦРПМ.

Проектот има неколку цели, меѓу кои:

  • Да се утврди големината на скриената економија во Македонија преку користење директен метод – анкета на национален примерок испитаници и избран примерок на бизнис и да се направи индекс на скриена економија, кој ќе се следи секоја година. Фокусот на истражувањето ќе биде на непријавувањето работници и на даночното затајување.
  • Да се дефинира најдобрата практика на мерење и на соочување со скриената економија и да се утврди кои модели би биле најсоодветни за Република Македонија имајќи ги предвид социо-економските карактеристики на земјата.
  • Да се обучат граѓанските организации да вршат набљудување на скриената економија и да се засили партнерството меѓу граѓанските организации и јавните институции со цел поефективно соочување со оваа појава.

Проектот почна со објавување Збирка трудови со најдобра практика за следење на скриената економија и со презентација на публикацијата и на целите на проектот пред засегнатите страни (јавни институции, граѓански сектор, деловни асоцијации и странски донатори), а продолжува со длабинска анализа на состојбата со скриената економија, обуки за засилување на граѓанскиот сектор и формирање група за акција составена од претставници на јавниот и на приватниот сектор.

Од ЦРПМ сметаат дека групата за акција ќе биде од исклучително значење за Република Македонија затоа што ќе биде поставена како платформа на која различните фактори ќе бидат во можност да разменуваат идеи, информации и да формулираат препораки и можни решенија.

– Со оглед на структурата на оваа група за акција (комбинација од граѓански организации, деловни асоцијации и претставници на разни јавни институции) препораките и можните решенија ќе се искористат во правец на подобрување на јавната политика поврзана со скриената економија преку учество во самиот процесот на создавање на таа политика – заклучуваат оттаму.

 

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 94. број на неделникот „Република“, 20.06.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top