| четврток, 6 декември 2018 |

Сивата економија намалена, но голем е бројот на млади кои работат „на црно“

сива

Македонија бележи намалување на сивата економија, но е лидер во регионот според бројот млади вработени „на црно“, беше речено денеска на тркалезната маса организирана во рамки на проектот „Даноци, неформална економија и корупција на земјите од Западен Балкан“.

– Со околу 45 проценти, водиме во регионот во однос на стапката на неформалното вработување на младите што е сигнал дека треба уште повеќе да вложуваме напори за негово сузбивање – истакна Горан Велески од Министерството за труд и социјална политика.

Справувањето со неформалната економија, додаде Велески, е меѓу стратегиските приоритети на Владата. Се креираат различни мерки и политики во оваа насока, а една од нив е изработката на акциски план кој ги влучува пред се инспекторатите.

– Многу е битно населението да се едуцира, особено младите луѓе уште од школските клупи да научат да се почитуваат себе си и да знаат да кажат „не“ на работата на црно – истакна Билјана Чкламовска, правен експерт, вклучена во проектот за даночна политика.

Според неа, од вкупната економија во државата, 30 отсто се нерегистрирани дејности кои избегнуваат плаќање даноци. Работата на црно е најзастапена во туризмот, угостителството, градежништвото, чевларската индустрија, медиумите, занаетите (фризери, козметичари, куќни помошнички), таксистите,…

– Најголем процент на неформална економија имаше во времето на транзицијата кога се створија армии на невработени. Но, сега, со владините активни мерки и залагањаата на синдикатите, процентот е намален, беше 43, а сега е 30 – посочи Чкламовска.

Присутните на тркалезната маса имаа можност да ги слушнат препораките на експертот од Европската унија Мартин Хутсбаут кој ги анализира состојбите со сивата економија во регионот, вклучувајќи ја и Македонија. Хутсбаут во својот извештај за даночните и буџетските политики во државите од ЕУ и од Западен Балкан, меѓу другото вели: „за да се заштити стандарот на живеење на работниците, потребно е редовно приспособување на даночните скали“.

– Што се однесува до оданочувањето на приходите на трудот, данокот со рамна стапка не е фер, бидејќи тоа го нарушува основниот принцип – „најшироките рамена треба да го носат најголемиот товар“. Овој приход треба да се оданочува според прогресивна скала. Во Франција, Германија и во Белгија, прогресивниот данок изнесува 6 проценти, 12 проценти, 21 процент. Не може тој што заработува многу и што заработува помалку да плаќа исто – рече Хутсбаут.

За поефикасен даночен систем и постигнување социјална правда, подвлекува експертот од ЕУ, даночното затајување и даночната измама треба да бидат решени.

– За намалување на данокот на труд, може да се воведат и еколошки даноци за енергија, транспорт и загадување, додека за социјална правда треба да се примени одредена прогресивност кај ДДВ даноците – посочи Хутсбаут.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top