Градежништвото, угостителството, трудоинтензивните сектори и услугите што се вршат по домовите се најчестите сектори во Македонија каде се појавува скриената економија, даночната евазија и непријавениот труд. Колку изнесува сивата економија во земјава со анализа ќе излезе Центарот за истражување и креирање политики во јуни годинава, а во Европската унија таа е 7,9 проценти од БДП или еден трилион. Податоците на Управата за јавни приходи посочуваат дека 90 проценти од даночните обврзници доброволно ги пријавуваат приходите и оти е мал бројот на оние што не ги пријавуваат и не ги плаќаат.
Ова беше посочено на денешната работилница на тема „Улогата на јавните институции и граѓанските организации во спречување на даночната евазија и измама“ што ја организираа Центарот за истражување и креирање политики и Центарот за изучување на демократијата.
– Во анализите што ги обработуваме и анкетата што ја користиме имаме податоци за посебни сегменти. На пример, една третина од бизнисите што ги интервјуиравме пријавуваат дека има манипулации со ДДВ и користење на сметководствени трикови со цел плаќање пониски даноци, а од аспект на граѓаните пријавуваат дека 46,7 проценти при купување во продавници добиваат фискални сметки, другиот дел повеќе од половина не добиваат – вели Емил Шурков од Центарот за истражување и креирање политика.
Според резултатите од анкетата на ЦИКП, бројот на работници со основно вработување за кое дел од износот на платата им се исплаќа на рака или преку договори за дело изнесува околу една третина од вработените, околу седум отсто од вработените работат без договор, а повеќе од половина од работодавачите потврдуваат дека во нивниот сектор има појава на потпишување договори со скриени клаузули.
Руслан Стефанов, директор на економската програма во Центарот за изучување на демократијата од Бугарија посочува дека најголеми проблеми со скриената економија се јавуваат во земјоделството и трговијата со акцизните стоки, а како причини за појава на скриената економија ги посочува недоволното даночно осплужување на бизнисите, довербата во институциите и очекувањата на граѓаните за користењето на средствата собрани од даноци. Како елементи кои влијаат на сивата економија, според него, се и приватните трансфери од странство, но и големиот број инспекции.
Испитувањата, како што вели, покажуваат дека граѓаните најголемиот дел или 90 проценти се изјаснуваат дека се за плаќање даноци, но од друга страна во голем број го поддржуваат и плаќањето во готовина.
Проблемот со скриената економија, според Стефанов, е присутен во секоја земја и се преземаат разни мерки за справување со неа.
Славица Кироска од Управата за јавни приходи посочи на мерките и политиките за справување со сивата економија и потенцира дека целта на УЈП е да се зголеми бројот на даночни обврзници кои доброволно ги плаќаат даноците.
Потенцира дека во последните години има раст на бројот на даночни обврзници кои тоа го прават на доброволна основа и оти во 2007 година тој број изнесува 77.014, а во 2014 година 237.399 и оти се очекува раст и годинава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.