Денеска во Виена во 18 часот ќе биде извршена ждрепката за групите од ракометната Лига на шампиони.
Македонските претставници РК Вардар, РК Металург и ЖРК Вардар ќе ги дознаат своите противници по групи.
Вардарци, според рангирањето на ЕХФ, влегоа во петтиот барабан и според сите параметри ги очекуваат тешки противници. Во истиот барабан се најдоа и европскиот првак Фленсбург, најбогатиот тим во Еврпа ПСЖ и данскиот вицешампион Алборг, со што овие три тима не е можно да бидат противници на нашиот претставник.
Еден од најдобрите играчи на „црвено-црните“ за минатата сезона, хрватскиот репрезентативец Игор Карачиќ, даде свое видување околу можните противници во натпреварувачката 2014/2015 година.
– Прво сакам да му посакам среќа на брат ми Иван, кој настапува за Мешков Брест во ждрепката за квалификациите за едно од трите места кое води во групната фаза. Доколку успеат да се квалификуваат, посакувам да се паднат во групата каде што ќе биде и Вардар. Со оглед на тоа дека сме во петтиот барабан, очекувам тешка група.
Кога би можел да избирам, покрај Мешков Брест од првиот барабан, ги посакувам Веспрем од вториот, Целје и Загреб од третиот и Висла Плок од четвртиот – изјави Карачиќ.
Ветеранот во редовите на вардарци и еден од најискусните играчи, Владимир Петриќ, предупредува дека полесна група значи и потешки противници во елиминациската фаза по групите.
– Мислам дека прашањето во врска со екипите што би биле посакувани противници во оваа фаза воопшто не е едноставно. Послаби тимови сега, би значело посилни противници во фазата по елиминации. Но, доколку би имал можност да ги одберам екипите против кои би играл, од првиот барабан би бил Кјелце, од вториот Данкерк или Целје, од третиот Кадети Шафхаузен, од четвртиот Натурхаус ла Риоха, а од шестиот некој од квалификантите бидејќи Монпелје е моќна екипа – додаде десниот бек на Вардар, Владимир Петриќ
Ждрепката ќе се изврши во седиштето на ЕХФ во Виена, денеска во 18 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



