| четврток, 6 декември 2018 |

Сто фарми ќе добијат софтвери за следење на производството

farma
Сто фарми во Македонија ќе добијат бесплатни софтвери за следење на производството со цел поголем квалитет и високи приноси. Преку примената на
информатичко-комуникациската технологија земјоделците воедно ќе имаат увид во остварениот профит и никој не ќе може да ги манипулира при откупот.
Ова е дел од проектот за чија реализација Федерацијата на фармери, Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството и словенечката компанија „Даталаб“ денеска потпишаа Меморандум за соработка.
Станува збор за напредно управување со фарма преку водење сметководство, добри земјоделски практики и евиденција на агротехнички мерки.
– Со воведување софтверски решенија практично се поставуваат темелите на модерното, интензивно земјоделство во Македонија. Ќе покажаме дека нашиот аграр е европски и дека, покрај државната финансиска поддршка, во него инвестираме многу, и преку различни проекти – истакна директорот на Агенцијата Игор Златков.
Многу важна компонента од ИТ менаџирањето на фармите е можноста, нагласи, да се знае каков е начинот на работење, дали има и кои се евентуалните пропусти, како и колкава е цената на чинење на производот.
Како што истакна Андреј Мертељ од „Даталаб“, крајно време е информатиката да му помогне на земјоделството.
– Целта ни е многу едноставна. Двојно да се намалат бирократските трошоци и времето потребно за административните процедури, да се подобри квалитетот на храната и количината на производство. Особено е битно што ќе се намали загадувањето, внесувањето нитрати и потрошувачката на нафта – посочи Мертељ.
Според претседателот на Федерацијата, Никола Стаменов, сметководствениот софтвер значително ќе им ја олесни работата на производителите и ќе ги намали манипулациите со нив.
– Менаџирањето на фармите преку компјутер е пракса во европските држави. Тоа сакаме да се применува и тука за да им овозможи на нашите земјоделци благовремен увид во посевите, да знаат како и што се случува со нив, навреме да реагираат ако е потребно со единствена цел – производство на здрава и квалитетна храна – напомена Стаменов.
Фармите, мали и средни стопанства, кај кои ќе се инсталира сметководствениот софтвер, ќе се бираат наесен, а практичната примена на софтверот се очекува од идната реколта. За земјоделците е предвидена обука за користење на мобилните апликации кои ќе бидат дел од проектот. Допрва ќе се прави анализа колку од нив имаат компјутери и елементарни ИТ познавања. Мертељ од „Даталаб“ смета дека жителите од руралните подрачја многу повеќе
користат компјутери и интернет поради изолираноста, но кај нив е скапо воспоставувањето мрежи бидејќи се малку на број.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top