Градот Велес не е само познат како градот на Рацин и на Гемиџиите, туку и по театарската дејност. Од Велес потекнуваат актерите: Петре Прличко, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Зоран Љутков, Игор Крајчев, писателите: Кочо Рацин,Рајко Жинзифов, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, ракометарите Пепи Манасков и Дејан Манасков. Но, сепак, градот во кој постоел првиот театар во Македонија, од денеска со гордост ќе ја користи новата зграда на театарот. Салата на новиот театар беше претесна да ги прими граѓаните на Велес кои дојдоа да го видат својот нов театар.

На отворањето на велешкиот театар присуствуваа премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, министерот за финсии Зоран Ставрески, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, министерот за информатичко општество Иво Ивановски, градоначалникот Славчо чадиев, пратеници во македонското Собрание, директорите на театрите во Македонија, колеги актери, како и актерите од најстарата генерација, Љупка Џундева, Мите Грозданов, Милица Стојановска, театарските критичари Иван Ивановски и Ристо Стефановски, бројни љубители на театарот.


– Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ заокружува период од 66 години театарска дејност во Велес, чии први нишки беа повлечени уште во 1874 година, кога била одиграна првата театарска претстава со која актерите, локалните учители и ентузијасти го промовирале Велес како културен центар – рече во своето обраќање директорот на велешкиот театар, Јордан Витанов.


Од сите македонски градови токму Велес има најорганизиран и најконтинуиран театарски живот, и тоа во протег од над шеесет години (1875-1940). Освен претставите што ги подготвуваат локалните театарски групи, не само учителски, градот го посетуваат и професионални трупи од Бугарија и од Србија. Скопското народно позориште „Краљ Александар Први“, започнувајќи од средината на дваесеттите години од 20 век, во Велес редовно ги прикажува претставите од секоја годишна продукција.

Познатиот антички – римски театар кој функционирал во древниот град Стоби пред две илјади години е дел од театарската традиција на овие простори. Традицијата ја продолжува просветителот и преродбеник Јордан Хаџи – Константинов Џинот, чии напишани драмски текстови во 1845 година му го обезбедија приматот на основоположник на современиот театарски текст. Во познатиот центар на вековната театарска традиција, во градот Велес, од 1948 година работи професионален театаетар. Театарот денеска е стожер на културниот живот во Велес, со во просек, шест премиери годишно.


-Историската, културната и театарската традиција на Велес, плејадата уметници од овој град чии дела достоинствено се вткаени во вредностите на македонскиот културен мозаик, апсолутно заслужуваа нов и репрезентативен храм на културата и уметноста, во кој сегашните и идните генерации ќе ги соиздаваат сопствените културно-уметнички вредности на времето во кое живеат, но и ќе ги негуваат секогаш напредната мисла и духот кои се несомено најважни специфики на Велес низ историјата, истакна министерката за култура Елизабета Канечска-Милевска.

Особено внимание кај тетарската публика привлекува постојаната актерска екипа која досега има освоено награди на бројни домашни и меѓународни фестивали. Малубројниот,но компактен ансамбл негува различни театарски жанрови и е носител на активностите за враќање на театарската традиција на сцената во древниот Стоби. Со цел да се зачува долгата театарска традиција и да се обезбедат услови за работа на новите генерации актери, режисери и сценски уметници, изготвен е проект за изградба на комплексен објект- Центар за култура, во кој ќе биде сместен новиот театар.


Премиерот Никола Груевски, во своето обараќање до велешани, подвлече дека овој проетк е реализиран благодарените на упорноста и посветеноста на Владата на Република Македонија, министерот за финанскии Зоран Ставрески, кој во услови на светска економска криза изнајде начин да ја поддржи реализацијата на овој проект, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, заменик министерот за култура Драган Недељковиќ, како и голем број министри во Владата на Република Македонија, како и пратениците во Собранието. Како човек кој има нераскинливи нишки со театарот и театарската дејност, Премиерот Груевски рече дека велешани заслужуваат ваков театар и тоа им било ветено во изборната програма и не треба да се заблагодаруваат за нешто што е заслужено.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Македонија на театарскиот фестивал „Долгопрудненска есен 2019“, Русија
-
Актерите од „Забрането смеење“: Публиката да се впушти во една театарска авантура
-
Гостивар ќе добие театар: Владата донесе одлука за основање НУ „Гостиварски театар“
-
Лидер: И градоначалникот на Велес дел од аферата „Фонд за иновации“


