| четврток, 6 декември 2018 |

Македонска делeгација на одбележувањето на францускиот национален празник

Македонска делегација ќе учествува на меѓународното дефиле што по повод најголемиот француски национален празник – 14 јули ќе се одржи во Париз на Денот на празникот на авенијата „Шанзелизе“.

Shanz Elize

Учеството на македонските претставници на ова традиционално дефиле е на покана на претседателот на Република Франција, Франсоа Оланд. Делегацијата која ќе ја претставува Република Македонија во рамките на одбележувањето на 100-годишнината од Првата светска војна, ќе ја предводи шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, а ќе ја сочинуваат четворица млади Македонци кои го говорат францускиот јазик и тројца претставници на АРМ.

Француската амбасадорка Лоранс Оер на вчера организираниот прием по тој повод појасни дека оваа година Франција одлучи да организира парада со меѓународни делегации од сите земји кои што страдаа во текот на Првата и на Втората светска војна. Учесниците на парадата ќе престојуваат една недела во Париз за подготовка за дефилето, а ќе бидат во костими на позната француска стилистка.

– Задоволни сме од учеството на младите на дефилето затоа што младите ја претставуваат идната генерација и генарација на пријателство. Тоа е доказ дека не сме свртени само кон минатото, туку се насочуваме се повеќе кон младите и иднината кои ги говорат сите јазици и тоа навистина е придобивка за односите меѓу Франција и Македонија, рече амбасадорката Оер на приемот на претставниците од Македонија кои ќе учествуваат на дефилето во Париз на најпозната авенија во светот.

Во цивилниот дел на поворката од меѓународното дефиле од Македонија ќе присуствуваат Ана Корженска, Барда Имери, Дарјан Стојановски и Дарко Ристовски. На военото дефиле пак, земјата ќе ја претставуваат потполковник Тони Апостолски како знаменосец и капетаните Дејан Величковски и Даниел Дионизовиќ.

На приемот присуствуваа и три млади ученички од билингвалните франкофонски паралелки од гимназиите „Раде Јовчевски Корчагин“ и „Орце Николов“ од Скопје кои речиси истиот период ќе заминат на двонеделен организиран културно-педагошки престој во Франција.

Двонеделното патување во Франција со престој во Париз и Виши е награда за освоените места на натпреварот „Билингвална генерација“ организиран од Францускиот институт во Париз. Две ученички имаат реализирано видео-клип за билингвалната настава, кој освои второ место во конкуренција со ученици од билингвални паралелки од целиот свет, а третата ученичка ја доби наградата за проектот „Туристичкото претставување на Македонија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top