Позитивните искуства на компаниите и задоволството на експертите, како и веќе видливите резултати, се силен доказ за успешноста на огласот распишан од македонската Влада за ангажирање на странски експерти со меѓународно реноме, кои со своето знаење ќе им помагаат на нашите домашни компании. Остварена е и соработка со Швајцарија.
-Среќен сум што сум тука денес кога ја претставуваме првата од десетте планирани мисии поддржани од Швајцарија. Ќе имаме 10 експерти кои ќе обезбедат советодавни услуги во македонски компании. Идејата е да се подобри квалитетот на производите и процесите и како крајна цел имаме обезбедување на раст на компаниите и создавање на повеќе работни места. Оваа иницијатива дојде како идеја од Владата на Република Македонија, со која тесно соработуваме. Инаку од минатата година економскиот развој е еден од нашите фокуси во Македонија и во следниот период ќе поддржиме проекти кои што имаат за цел развој на приватниот сектор во износ од околу 12.000 милиони швајцарски франци. Истовремено, Швајцарија ја продолжува својата долгогодишна соработка со Македонија во другите области во кои работиме – истакна швајцарскиот амбасадор во Македонија Стефано Лазарото.
Покрај компанијата „Камел Солар“, која произведува високо квалитетни сончеви термални колектори, користејќи современа технологија, Швајцарија ќе има поддршка и во останати девет компании од областа на текстил, како и преработка на храна.
-За нас е важно да бидеме присутни во компании во кои има потенцијал за раст и зголемување на бројот на работни места. Многу е важно и што денес сме во компанија која се занимава со една релативно нова област, односно работи на обновлива енергија и со тоа ние би можеле да придонесеме уште повеќе за почиста животна средина – додаде Лазарото.
„Камел Солар“ е една од десетте компании кои ќе бидат советувани од странски експерт во делот на маркетингот.
-Јас сум консултантот кој што ја поддржува компанијата овие 10 дена. Морам да кажам дека сум изненаден од високиот квалитет на производите кои што ги видов во оваа компанија. Она што и недостасуваше на компанијата беше маркетингот и затоа ние овие денови се занимававме со правење на стратегии и тактики како да се подобри продажбата, со тоа што бевме фокусирани на продажбата во Македонија. Јас имам работено на речиси сите континенти, имам долгогодишно искуство во Африка, Азија, Јужна Америка, меѓуто морам да истакнам дека Македонија е поинаква во однос на другите земји, тука има капацитет, има вештини, има голем потенцијал за раст и за создавање на нови работни места – истакна експертот Питер Гунтер.
Од компанијата „Камел Солар“ ги охрабрија сите компании да аплицираат за типот на експертиза кој е потребен во нивната компанија.
-За овој проект дознавме преку веб-страницата на Владата и медиумите и аплициравме. Набрзо потоа бевме известени дека нашата апликација е одобрена и дека ќе бидеме дел од реализацијата на овој проект, за што сме исклучително благодарни, бидејќи ова е многу исклучително искуство за Камел солар, истакна претставникот на компанијата „Камел Солар“ – Надица Николиќ.
Покрај од Швајцарија, преку проектот на македонската Влада, досега се ангажирани експерти и од Холандија и Германија
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.