Словенија во континуитет ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО. Искрено посакуваме да ги почнете преговорите за членство во ЕУ и да стане полноправна членка на НАТО, изјави словенечкиот амбасадор во Скопје Бранко Раковец на денешниот прием организиран по повод одбележувањето на 23-годишнината од прогласувањето на независноста на Република Словенија.
– Словенија отсекогаш ја поддржувала Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ и НАТО. Ние стоиме на страната на Македонија на нејзиниот евроатлантски пат подготвени да и ги пренесеме нашите искуства, знаења и добра практика на тој план. Искрено посакуваме Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ и да стане полонправен член на НАТО, да биде економски успешна и да одржува добри односи со соседите, како и понатаму да биде модел за мултиетничка и мултикултурна држава, рече амбасадорот Раковец.
На приемот на кој присуствуваа и претседателот на државата Ѓорге Иванов, министри во Владата, дипломатскиот кор и други гости, тој подвлече дека Словенија оваа година слави и 10 години од членството во ЕУ и НАТО, што претставува остварување на словенечките клучни стратешки цели.
Во однос на соработката меѓу Словенија и Македонија, тој оцени дека во сите овие години од независноста на двете држави, таа е одлична и без отворени прашања.
– Традиционално пријателските односи се потврдуваат преку многубројни политички, економски, културни и други контакти. Ова се докажува и преку честите контакти на највисоко политичко ниво, посочи Раковец.
Република Словенија прогласи независност на 25 јуни 1991 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.