
Последната анкета што беше објавена во текот на вчерашниот ден покажува пораст на рејтингот на владејачата партија на сметка на падот на рејтингот на опозицијата. Угледниот институт ИРИ објави анкета според која ВМРО-ДПМНЕ има рејтинг од 34 проценти, односно раст за плус проценти, СДСМ има рејтинг од 10 проценти, односно пад за 2 проценти. Рејтингот на ДУИ е 14 проценти, односно раст за процент, а додека рејтингот на ДПА е 4 проценти.
Политичките аналитичари сметаат дека оваа анкета е огледало на моменталната политичка состојба. Велат сѐ е одраз на негативната и дестуктивна политика на опозицијата.
– Таквата политика кај граѓаните не поминува. Анкетата на ИРИ покажува дека граѓаните се одлучуваат за програма и работа наспроти деструктивност – коментираат тие.
Според нив, стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ да излезе со прецизна програма и да ја продолжи практиката на отчетност и транспарентност, со технократски начин на работа, со постојана будност за потребите на граѓаните се покажа како полн погодок.
– Тоа се гледа и од првиот ден на работа на новата влада, при што премиерот Никола Груевски на секоја седница на влада уште од почетокот почна со реализација на ветеното. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ се откажа од ветување нереални работи и проекти, наспроти СДСМ, кој наместо со програма излезе со ветувања кои се неостварливи, со што не успе да им ги доближат до граѓаните работите што ги ветува. Политиката на инает на СДСМ не поминува. Сето тоа се одразува и во анкетата на ИРИ – велат аналитичарите.
Американците констатираа значајно водство на ВМРО-ДПМНЕ наспроти назадувањето на СДСМ. Анкетата покажува дебакл и на најновите позиции на СДСМ за бојкот, кои, според пресметките на нивното раководство, наместо успех им носат назадување. СДСМ не успеа да ја научи лекцијата за парирање на ваквото ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ никако не успева да фати чекор со владејачката партија. За тоа е потребно многу работа, нудење проекти и идеи за развој. 34 спрема 10 проценти е огромна разлика во рејтинг што СДСМ не ја прави ниту втора партија во државата, туку трета. Тројцата клучни фигури на СДСМ Заев, Црвенковски и Шекеринска, сите заедно немаат ниту половина од рејтингот на Груевски. Народот го казнува СДСМ за деструктивната политика. Над три пати поголемиот рејтинг е резултат на постојаната работа и програма.
Доц. д-р Иванка Додовска смета дека трендот на континуираниот раст на рејтингот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во изминативе 8 години се должи пред се на пристапот со кој оваа партија се доближи непосредно до македонскиот електорат.
-Примената на јавните политики кои подразбираат транспарентност, јавност и отчетност, го подобрија угледот и реномето на ВМРО-ДПМНЕ и истата уште во 2005 година според релевантните анкети го најави својот нов нагорен тренд, кој во текот на сите овие години од како ја освои власта во Република Македонија постојано расте. Во споредба со рејтингот на СДСМ, оној на владејачката ВМРО-ДПМНЕ е исто така во континуитет дупло, а некогаш и трикратно поголем, што говори за ставот на мнозинството граѓани на Република Македонија дека тие повеќе не ги прифаќаат конзервираните леви концепти кои го носат товарот на елитистичкото и апсолутистичкото политичко дејствување кое единствено им наметнуваше режим на живеење и ги доведе до работ на комплетна мизерија и во својата суштина ја избриша од демографската карта добро стоечката развиена средна класа во нашата земја. За сметка на оваа застарена демагогија и хипокризија со која и понатаму продолжи политичкото дејствување на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ се одважи и се фокусираше на подобрување на животниот стандард на граѓаните на Република Македонија, собра тим на професионалци кои ги распореди во раководството на сите витални сфери од општественото живеење и му даде шанса на македонскиот граѓанин повторно да заживее еден достоинствен и порелаксиран живот. Сметам дека овие параметри се најконкретните општествени показатели кои го градат високиот рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ и од каде оваа владејачка гарнитура ја црпи својата виталност и снагата за идните предизвици. Сумарно речено, потврдата за оваа констатација деновиве дојде и од страната на беспрекорната и независна анкета на реномираниот ИРИ, во која се говори за тоа дека тимот кој изминативе години раководи со Република Македонија на чело со премиерот Никола Груевски ја има формулата која коренспондира со сфаќањата и потребите на македонските граѓани и истата, во континуитет ја докажува и на дело, рече Додовска за Курир.
Универзитетската професорка Татјана Каракамишева Јовановска во изјава за Макфакс, вели дека СДСМ и членството на оваа партија, веќе подолг временски период е влезено во „лош филм“ и во исклучително деструктивна политика на однесување кое нема допирни точки со политичката реалност во земјава режирајќи “хорор филм“.
-Во недостаток на позитивна и креативна политика која ќе биде генератор на нови програми, нови политички и економски решенија, идеи за тоа како да се подобрат работите во земјата, раководството на СДСМ режира хорор филм, со конкретен наслов, со конкретни главни актери, со содржина, со заплет и со расплет, со кој СДСМ се надева дека ќе ја освои власта. Главните поенти на заплетот се дека во Македонија владее некаков режим креиран од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, иако и самите се изгубени во преводот на поимот режим, дека во државата имаме целосен молк и тотална загушеност на човековите слободи и права на граѓаните, дека во РМ на опозицијата и е ускратена слободата на изразување, иако во реалноста сме „бомбардирани“ од изјави на опозициски протагонисти во кои говорот на омраза и „плукањето“ по секој оној кој не се согласува со сценариото на опозицијата е „нормално секојдневие“ итн. На секој полнолетен граѓанин кој размислува здраворазумски, без разлика дали е македонец или е странец, барањата на СДСМ му се не само нереални, туку и повеќе од проблематични, имајќи ги предвид изборните резултати на неодамна одржаните парламентарни избори, каде опозицијата изгуби со повеќе од 200.000 гласа. Да повторам, опозицијата изгуби со повеќе од 200.000 гласа, вели професорката.
Понатаму, Каракамишева Јовановска вели дека за СДСМ е нејасно дека во демократскиот свет за да се дојде на власт треба да имаш што да им понудиш на граѓаните, програма и работа која ќе ти ја донесе граѓанската доверба, многу труд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


