| четврток, 6 декември 2018 |

Објавени нови фотографии што докажуваат дека Златна зора е поврзана со нацистичката идеологија

Во рамките на истрагата за наводните криминални активности на Златна зора, синоќа се објавени повеќе фотографии кои се очекува да го зајакнат случајот против неофашистичката партија во Грција.

zora

На фотографиите, кои ги објави „Весникот на уредниците“, се гледа како лидерот на партијата Никос Михалолиакос и други високи партиски функционери носат нацистички обележја и пред знаме со свастика упатуваат нацистички поздрав. На една од фотографиите е прикажан Михалолиакос како млад, како поздравува нацистички со крената рака, пред голема свастика.

Не е познато кога е направена фотографијата. Лидерот на Златна зора во моментов е во затворот Коридалос.

На друга фотографија, од април 2009 година, е вториот човек на партијата Христос Папас, кој, исто така, во моментов е во затвор, како отпоздравува на гробот на поранешниот фашистички диктатор Бенито Мусолини во Предапио, Италија.

На една од фотографиите е и кандидатот за градоначалник на Атина, Илијас Касидиарис, со група од шест луѓе со кои упатуваат нацистички поздрав додека држат знаме со свастика. Еден од нив е идентификуван како убиениот член на Златна зора, Ламброс Фунтулис.

zora1

Златна зора веднаш се огласи по повод објавените фотографии.

– Соработниците на четвртиот рајх кои ја ограбија земјата се нестрпливи да најдат начин да се справат со националистичкото движење со 30-годишни фотографии – се наведува во соопштение објавено од страна на партијата.

– Грчкиот народ, кој е тешкопогоден од бруталната политика за штедење, е рамнодушен кон смешната системска пропаганда и признава дека Златна зора само се бори за Грција и за Грците – подвлекува неофашистичката партија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top