| четврток, 6 декември 2018 |

„Вип“ го купува „Близу“

„Телеком Австрија Групација“ потпиша договор за купување на 100% од компанијата  „Близу Македонија“ („Blizoo“). „Близу Македонија“ е еден од најголемите кабелски оператори во Република Македонија кој нуди услуги за ТВ, широкопојасни услуги и фиксна телефонија. Купопродажбата, која е предмет на одобрување од релевантните институции (Комисија за заштита на конкуренција на РМ), претставува значаен чекор во исполнувањето на стратегијата за конвергенција на „Телеком Австрија Групацијата“.

Оваа купопродажба ќе им овозможи на „ВИП оператор“ и на „Близу Македонија“ во иднина да понудат пакетирани фиксни и мобилни услуги на уште еден пазар на кој работи „Телеком Австрија Групацијата“, односно дополнително на Австрија, Бугарија и Хрватска, што целосно и овозможува на Групацијата проширување на постојните пазари со конвергентни услуги.

Преземањето на „Близу Македонија“ ни овозможува да понудиме целосно портфолио на комуникациски услуги во четврта земја во рамки на нашата Групација и претставува чекор нанапред кон исполнување на нашата успешна стратегија за конвергенција – вели Ханес Амецраитер, Главен извршен директор на „Телеком Австрија Групацијата“ и „А1“.

Купувањето на „Близу Македонија“ отвoра широка лепеза на возбудливи можности за „Вип оператор“, со тоа што ќе ги сплоти силите и капацитетите на двете компании кон иден успех. Исклучително сме задоволни што по неколку години работење во мобилниот сегмент на пазарот, имаме можност да се вклучиме во фиксна и мобилна конвергенција, што секако ќе резултира со поголеми придобивки и за корисниците на „Вип“ и за корисниците на „Близу Македонија“ – изјави Никола Љушев, Главен извршен директор на „Вип оператор“.

Кирил Трендафилов, Главен извршен директор на „Близу Македонија“ рече дека тоа што стануваат дел од „Телеком Австрија Групацијата“ е особено задоволство

Убедени сме дека со овој чин стануваме посилни и добиваме одлични можности за раст и развој. Со нетрпение очекуваме да ги споделиме искуствата и да ја искористиме синергијата со Телеком Австрија Групацијата, а особено со Вип оператор, со цел да создадеме вредност за нашите корисници и акционери – вели Трендафилов.

„Близу Македонија“ во моментот има 63.000 претплатници, од кои 47.000 се претплатници на широкопојасни услуги. Во 2013 година приходите изнесуваа околу 10 милиони евра, со ЕБИТДА (Заработка пред камати, даноци, депресијација и амортизација) од 4 милиони евра.

„Телеком Австрија Групацијата“ ќе ја финансира оваа трансакција од постојниот паричен тек.  Договорено е да не се открива вредноста на Договорот.

„Телеком Австрија Групацијата“ е присутна на македонскиот пазар веќе 7 години преку „Вип оператор“, вториот по големина мобилен оператор на пазарот со 620,000 мобилни корисници и 28% пазарен удел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top