Светското првенство во фудбал е во тек, а од денеска вниманието на симпатизерите на спортот ќе го привлекува и неофицијалното Светско првенство во тенис, како што го нарекуваат грaнслем-турнирот Вимблдон.
На тревните терени во „Ал Ингланд клубот“ ќе продолжи традицијата што почна во 1877 година, а турнирот во Лондон е еден од најценетите на планетата во конкуренција на сите спортови. Строгите правила, шармот и почитувањето на традицијата го направија Вимблдон елитен настан што ќе трае до 6 јули.
Интересно е што годинава само еден од двајцата шампиони во поединчена конкуренција ќе го брани трофејот. Енди Мареј лани конечно по 79 години пост ги израдува Британците со трофеј во Лондон.
Титулата нема да ја брани Мерион Бартоли, француското изненадување од 2013 година на Вимблдон. Таа веднаш потоа приреди ново изненадување со објавата дека се повлекува од тенисот.
Во новото издание што почнува денеска на пладне, прв фаворит и носител кај мажите е Новак Ѓоковиќ, а најтрофеен активен учесник во костурот од 128 тенисери е Роџер Федерер со 7 титули.
Кај дамите предводничка од позицијата број 1 е Серена Вилијамс, тенисерка што има најмногу пехари од сите учеснички во Лондон, точно 11 во три различни категории. По пет се во сингл и женски дубл, а една Серена освои во игра на мешани двојки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


