Шеесет и двегодишен гостиварец утрово е застрелан во неговиот автомобил на улицата „ЈНА“ во близина на новоизградениот станбен комплекс на кејот на реката Вардар.
Според првичните информации, станува збор за Ф.С. од Гостивар. Во него најверојатно е пукано од автоматско оружје околу 6 часот откако претходно со голем контејнер му било попречено движењето. Откако застанал, непознатиот испукал повеќе куршуми низ стаклото на автомобилот. Истрелите ги вознемириле жителите на околните куќи и згради кои набрзо се јавиле во полиција и јавиле за настанот.
По пријавата полициски екипи се упатиле на местото на убиството каде е пронајден автомобил „застава 101“ во кој бил убиениот маж.
Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски, за „Курир“ вели дека увидот е во тек, а на терен се излезени јавен обвинител, истражен судија, но се очекува да пристигне екипа и од Министерството за внатрешни работи.
Од местото на убиството се подигнати повеќе празни чаури и други траги, и материјали кои ќе подлежат на натамошно вештачење.
Јосифоски додава дека полицијата ги презема сите мерки за наоѓање на сторителот или сторителите и откривање на мотивите за убиството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.