| четврток, 6 декември 2018 |

Отворање на 35.„Скопско лето“ со гала оперски концерт во МОБ

моб

Со гала оперски концерт на Македонската опера и балет вечер, на Светскиот ден на музиката и на почетокот на летото, ќе почне 35. летна културна манифестација „Скопско лето“. Поради нестабилното време, концертот ќе биде изведен во МОБ наместо на плоштадот „Филип Втори Македонски“ како што првично беше најавено.
Ќе настапат солистите, хорот и оркестарот на МОБ под водство на диригентката Бисера Чадловска. На програмата се арии од „Кармен“ на Бизе, „Риголето“ и „Набуко“ од Верди, „Кавалерија рустикана“ на Маскањи, „Севилскиот бербер“ на Росини, арии од „Боеми“
и „Мадам Батерфлај“ на Пучини, од „Лилјакот“ на Штраус, „Хофманови приказни“ на Офенбах…
Покрај свеченото отворање во МОБ, на првиот ден од фестивалот во Мала станица ќе биде претставен мултимедијалниот проект на Гоце Наневски – „Мо(ну)мент, како и целодневен настап на улични музичари во организација на Универзалната сала.
Проектот „Мо(ну)мент“ го сочинуваат механизми и видеа, т.е. скулптурален механички систем.

– Замислен е како истражување на механичко-електронската процесија на последиците од нашите решенија. Проектот треба да мапира една слика на човекот која го отсликува како одговорен субјект кој влијае врз неговото опкружување и обратно, кога неговите одлуки и реакции се условени од заемната спрега личност – општество преку испитување на системите на веројатност – информира Националната галерија на Македонија.
Организатор на „Скопско лето“ е Дирекцијата за култура и уметност-Скопје. Традиционално ќе трае до крајот на јули, а и оваа година ќе понуди богата програма со многу настани од различни сегменти на културата. Најбројни се музичките настани – 22 концерти на домашни и странски солисти и ансамбли (Германија, Австралија, Франција, Грузија, Бугарија…) Меѓу нив, како посебно музичко доживување организаторот го издвои концертот на турските музички ѕвезди Бурхан Очал и Хусну Шенлендирџи – дуо со интернационална кариера. Нивното гостување утревечер во МНТ е организирано во соработка со турскиот културен центар „Јунус
Емре“.
Разновидност во содржините ќе има и на настаните од ликовната дејност, меѓу кои изложбата на уникатен накит, скулптури и слики на босанските уметници Адин Хебиб, Миа Хебиб и Едина Селишковиќ, изложбата на сценографии на Живојин Трајановиќ по повод 40
години професионално творештво, изложбите на ДЛУМ…
Во 40-те дена фестивалска програма ќе има и театарски претстави, перформанси, премиерни изведби (операта „Боеми“ на МОБ, претставата „Могли“ на Театарот за деца и младинци), како и програмите во склоп на „Скопско лето“ – Кинотечното скопско летно кино
(од 7 јули во Кинотеката на Македонија) и „Блуз и соул фестивалот“, на кој на 17 јули ќе гостува гитаристот Ерик Сардинас. „Скопско лето 2014“ ќе заврши на 31 јули со концерт на барокна музика на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top