Правници и економисти да ги ринеш со лопата, а продавачи, келнери, чевлари и шивачи нема ниту за лек. Вака најописно може да се претстави сликата на пазарот на трудот, на понудата и побарувачката на работна сила во државава, и длабокиот јаз меѓу нив. Последните податоци на Агенцијата за вработување покажуваат дека заклучно со април годинава на страната на понудата на работна сила биле евидентирани 103.250 невработени лица и 115.668 други лица што бараат работа. На страната на побарувачката на работна сила, пак, се регистрирани 4.393 работни места. Од нив најголема побарувачка има во Скопје, дури за 2.502 вработувања, по што следуваат Битола со 784 работни места, Охрид со 293 места, Штип со 219 места, Куманово со 162 места, Валандово со 150 работни места. Другите градови имаат побарувачка за работна сила изразена во двоцифрен број. Тетово побарува 94 работници, Струга и Струмица по 68 работници, Кочани 67, Кавадарци 52, Гевгелија 45, Виница 34, Велес 31, по што следуваат Неготино, каде има побарувачка за 29 вработени, Гостивар за 25, Македонски Брод за 21, Пробиштип за 19, Кичево и Делчево за 18 работници. Во Крива Паланка се бараат 17 работници, Ресен 8, Берово 4, Свети Николе 3, Демир Хисар 2, а во Кратово има потреба од само еден работник.
Што се однесува до профилот на работници што се бараат, може да се види дека најбарани во моментов се продавачите, со 438 слободни работни места. По нив најбарани се работници на производствена линија, со 352 слободни работни места. Се бараат 310 келнери, 271 шивачи, 223 работници за едноставни работи, 218 таксисти, 205 магационери, по што следува побарувачка на заварувачи, бравари, комерцијалисти, чевлари, односно се бараат работници за извршување работни задачи за кои не треба поголемо формално образование.
Значи има невработени и слободни работни места што никако не можат да се пополнат, па додека невработените се жалат дека не можат да најдат работа, компаниите се жалат дека не можат да најдат работници.
– Ние секојдневно се соочуваме со проблем во работењето, со тоа што не можеме да најдеме работници, додека, од друга страна, има голем процент на евидентирани невработени во центрите на Агенцијата за вработување. Неколку пати пуштаме огласи за вработување и никој не се јавува или, пак, ќе се јават и кога ќе објасниме за каква работна позиција се работи, тие не се ни појавуваат на работа. Навистина не знаеме што да правиме бидејќи ни треба обучен кадар, а таков во моментов не се наоѓа. Ако треба ние да го обучуваме, ќе загубиме многу време, а и бизнисот ќе трпи. Како никој да не сака да се нафати на физичка работа, туку сите сакаат да бидат директори – вели еден сопственик на браварска фирма.
И компаниите од Бунарџик се соочуваат со слични предизвици. Обемот на работа им е зголемен, потребата од работници (автоматичари, машински и хемиски инженери) им е зголемена, но тешко им е да најдат квалификуван кадар. На тоа се пожалија и менаџерите на компаниите при сумирањето на ланските резултати.
– Тешко се наоѓаат автоматичари и хемиски инженери, струки што ги нема во Македонија. Ние соработуваме со факултетите, им кажуваме од каков профил работници имаме потреба, а и самите организираме обука за вработените – објасни директорот на „Џонсон Мети“, Џатин Такрар.
Случајот со побарувачката и недостигот од специфичен кадар со посебни вештини, како во случајот со компаниите од индустриските зони, може донекаде да ја објасни состојбата со диспропорција на понуда и побарувачка на работници, но се наметнува прашањето како не можат да се пополнат работните места кои бараат пониско формално образование. Зар е толку тешко да се најдат продавачи, келнери, шивачи? Очигледно е тешко бидејќи таквите слободни места се празни, а невработени има многу. Или побарувачката за вакви кадри е фиктивна, поточно се распишуваат слободни работни места за да се пријават постојни работници, или се нудат ниски плати и лоши услови за работа, кои никој навистина не сака да ги прифати и да се нафати на таквите работни задачи.
Бизнисмените стравуваат дека состојбата уште повеќе ќе се влоши во претстојниот период. Младите, освен што избираат што ќе работат, сѐ помалку се посветуваат на изучување на старите занаети. Тие полека изумираат, повозрасните работници со богато искуство заминуваат во пензија, па реален е стравот дека ќе нема кој да ги продолжи и одржи живи старите занаети.
Компаниите не можат да најдат соодветен кадар и покрај тоа што, според податоците на Агенцијата за вработување, во земјава има 103.250 активни баратели на работа.
Меѓу луѓето што се водат како невработени има и магистри и доктори на науки – покажуваат податоците на Агенцијата за вработување. Без работа се 863 магистри и 20 доктори на науки. Повеќе од 16 илјади од невработените се со завршен факултет, а најбројни се дипломираните правници и економисти. Најголем дел од невработените (речиси 36 илјади) се со завршено средно образование, околу 2.600 со виша школа, а околу 30 илјади се без никакво или само со основно образование.
Последните податоци на Државниот завод за статистика укажуваат на тоа дека невработеноста на младите е многу сериозен проблем. Ако вкупната стапка на невработеност, заклучно со последниот квартал од минатата година, изнесува 28,6 проценти, невработеноста кај лицата на возраст од 15 до 24 години изнесува цели 50,3 отсто. Овој проблем го забележи и Светска банка, при презентирањето на редовниот извештај за земјите од ЈИЕ. Економистката Доерти Доемланд порача дека со овој проблем, освен Македонија, се соочуваат сите земји од регионов, но и дел од земјите-членки на ЕУ.
– Решението на проблемот е во преземањето структурни реформи, подобрување на деловната клима, во потребата да се инвестира во вистинскиот вид образование со цел, младите да поседуваат вештини што им се потребни на фирмите, кои се барани на пазарот на трудот – порача Доемланд.
Повеќе од 25 милиони млади луѓе во ЕУ се без работа, проблем што европските лидери ќе го решаваат со шест милијарди евра.
– Ситуацијата со големиот број невработени лица, на возраст од 15 до 24 години, претставува губење на човечките ресурси и таленти што Европа не може да си го дозволи – порача претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо.
Во моментов, во земјава се оперативни повеќе мерки и програми кои имаат цел на младите да им се даде можност за работа, како и простор да го стекнат неопходното работно искуство и знаење. Се дава финансиска помош за почнување сопствен бизнис, се одвојуваат средства за обука кај познат работодавец, има активни програми за практиканство и за самовработување. Дополнително, компаниите се ослободени од плаќање персонален данок на доход и придонеси доколку се решат да вработат млад човек до 29 години. Мерката резултираше со двоен, позитивен ефект – од една страна, се вработија млади луѓе, а, од друга страна, се отворија можности за дополнителни заштеди за компаниите.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 93. број на неделникот „Република“, 13.06.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.