| четврток, 6 декември 2018 |

Раст на економијата и привлекување странски инвестиции, приоритет на новиот министер Незири

беким

Раст на економијата, привлекување странски инвестиции, зголемување на извозот и подобрување на деловната клима ќе бидат приоритетите на
новоименуваниот министер за економија Беким Незири кој денеска и официјално ја презема функцијата од неговиот претходник Ваљон Сарачини.
Незири најави дека ќе ја продолжи соработката со бизнис секторот.
– Се обврзувам дека од денеска со својот професионален, човечки и интелектуален капацитет, ќе се залагам за раст и развој на економијата, привлекување странски инвестиции, зголемување на извозот и подобрување на бизнис климата. Ќе ги поддржам сите идеи на бизнис секторот и ќе ја продолжам воспоставената соработка со компаниите и колегите од Европа – изјави Незири по стапувањето на функцијата министер.
Сарачини претходно изрази задоволство од реализираното во изминатите три години, за време на неговиот мандат – изградбата на слободната економска зона во Тетово, потпишувањето преку 100 договори со домашни и странски инвеститори за експлоатација на минерални суровини, реновирањето, реконструирањето на 42 училишни објекта во делот енергетска ефикасност, инвестицијата во Стогово, новата фабрика во Дебар.
– Горд сум што изминативе три години, за време на мојот мандат почна и изградбата на 25 мали хидроелектрани, се зголемија субвенциите во туризмот, се донесоа низа реформски закони, за стечај, енергетика, туризам, трговски друштва, измени и правилници согласно европското законодавство кои директно придонесоа за поголема конкурентност на македонската економија – рече Сарачини.
Мерките во секторот туризам, нагласи, дадоа евидентни резултати. Бројот на туристи од 2011 до 2014 година е зголемен за 150.000.
Одговорајќи на новинарско прашања, кој проект го смета за несупешен во неговиот мандат, Сарачини посочи дека тоа е Чебрен и Галиште кој е веќе под ингеренции на Министерството за животна средина.
Ваљон Сарачини беше министер за економија на Република Македонија од јули 2011 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top