| четврток, 6 декември 2018 |

Демографијата сојузник на Голема Албанија

Мапата што ја објавија руските медиуми, според која во 2035 година Македонија ќе загуби дел од својата територија, кој би му припаднал на таканаречениот проект „Голема Албанија“ ги охрабри сите радикални елементи што се сега убедени дека и Русија е помирена со ново прекројување на европските граници. Според мапата изработена од руски стручњаци, а врз основа на документи од американски, руски и од неколку други агенции за безбедност, Голема Албанија со центар во Тирана во 2035 година ќе контролира делови од Косово и од северозападниот регион во Македонија, кој е населен со Албанци. Руските научници, кои предвидуваат и поделба на Босна и Херцеговина меѓу Хрватска и Србија, во своите анализи користеле и документи подготвени од стручни групи на чиешто чело се наоѓа познатиот американски стратег Збигњев Бжежински и авторот на „Судирот на цивилизациите“, Семјуел Хантингтон.

Но не се само радикалите тие што сакаат да ги искористат меѓународните тензии што настанаа со судирот меѓу САД и Русија во Украина. Сè повеќе бизнисмени размислуваат дека е добро кога границите се отворени и кога има бесцаринска размена на стока меѓу повеќе држави, но, сепак, сè повеќе се размислува и за заеднички пазар на кој се говори на ист јазик, каде што важат исти правила на игра. Каде што има исти културни вредности и каде што може да се влијае со медиуми на само еден јазик, во случајов албански јазик. Скапите инфрастркутурни проекти што се случија меѓу Косово и Албанија како автопатот Драч – Приштина и низата енергетски и комуникациски поврзувања меѓу двете држави, не се директно насочени кон проектот „Голема Албанија“, но се сериозна логистика за него. Во ситуација кога границите се поминуваат со лични карти, а наскоро нема да бидат потребни ниту лични исправи, потребен е само еден мал чекор за да се случи унификација на сите албански земји, прашање за кое размислуваат и јавно говорат сите лидери на Албанците во регионот.

Дури и тие албански лидери што размислуваат европски и кои немаат проблем со живеење со друго неалбанско население, ја имаат предвид анкетата спроведена во 2010 година од страна на „Галуп балкан монитор“. Резултатите од истражувањето во кое се здружија Европскиот фонд за Балканот и Институтот „Галуп“, а во кое биле опфатени речиси 5.000 Албанци од Македонија, Албанија и од Косово, се фрапантни. Идејата за Голема Албанија е поддржана од речиси две третини од Албанците во Албанија (63 проценти). На Косово поддршката за оваа идеја е уште поголема (81 процент), а за живеење на сите Албанци во иста држава позитивно одговориле и повеќе од една половина Албанци од Македонија. И покрај тоа што во истражувањето најголем дел од анкетираните рекле дека тоа не е можно, сепак овие резултати укажуваат на сериозен проблем, кој не е поддржан само од радикални националисти туку и од огромен дел од обичните граѓани. Процените се дека ако Албанците сметаат дека проектот „Голема Албанија“ би бил прифатен од големите сили, тогаш со тоа би пораснала и поддршката за него.

Tema93-2

Иредентистичкиот концепт на Голема Албанија се базира на историското присуство на Албанците на територијата каде што живеат сега. Во оваа засега замислена државна творба, како што објави и експретседателот на Албанија Сали Бериша на 100-годишнината од формирањето на албанската држава во Корча во 2013 година, влегуваат териториите од Прешево во Србија до Превеза во Грција, како и од Подгорица до Скопје.

Концептот Голема Албанија има две варијанти, едниот е унификација на сите албански територии што биле дел од границите од 1913 година, за што се расправало и на Призренската лига, а вториот е за териториите што Албанија ги имала под италијанска и Хитлерова Германија во Втората светска војна.

Максималистичката теза што кружи во Македонија е поделба на Скопје, при што еден дел би ѝ припаднал на Голема Албанија, во Србија радикалите говорат за Прешево, Медвеѓа и Бујановац, па сè до Врање, а во Црна Гора желбата се Улцињ, Бар и Плав.

Дека проектот за унификација на сите албански земји не е само идеологија на мал број луѓе покажува и расположението на младите луѓе на речиси сите спортски натпревари и протести, дури и кога се работи за социјална, верска или за криминална заднина. Извиците „Голема Албанија“ и мапите со истата идеја се присутни и кај помлади и кај постари луѓе. Политичарите засега избегнуваат да говорат јавно за овој проект, но за голем дел од нив се знае дека во одбрано друштво отворено говорат дека е неизбежен процесот на поврзување на албанските територии.

Каква е поддршката за единствена албанска држава на Балканот најдобро може да види на социјалните мрежи, каде што и познати лица од јавниот живот, спортот и од естрадата лесно ставаат „лајк“ на информации поврзани со унификација на Албанија, Македонија и на Косово. Дури и дел од комерцијалните компании во обид да им се додворат на своите муштерии играат со оваа тема. Прашање на ден е кога ќе почнат тоа да го прават отворено и албанските политичари во Македонија.

 

 

Фрапантни демографски трендови

Долгогодишниот тренд на намалување на процентот на новородени Македонци во земјава нè доведе во ситуација во 2013 година за првпат етничките Македонци да бидат помалку од 50 проценти. За пет години процентот на бројот на новороденчиња Македонци е намален од 53,3 на 49,9 проценти, додека бројот на новородени деца од албанска етничка припадност е во пораст од 31,8 на 35,1 проценти.

Tema93-3

Податок, кој, исто така, има големо влијание на демографската слика во земјава, е и трендот на склучени бракови и на разводи во последните десет години. Така, во 2013 година, во споредба со 2003 година, имало 2,9 проценти проценти помалку склучени бракови, а во исто време 45,6 проценти проценти повеќе разводи.

 

Косово и Албанија со најголем природен прираст во следните децении

Во следните неколку децении Албанците ќе станат најмногубројна нација на Западен Балкан затоа што само во државите во кои живеат (Албанија, Косово, Македонија) е регистриран позитивен природен прираст, додека во другите балкански земји бројот на починати лица во последниве години е поголем од бројот на новородените, покажуваат резултатите од истражувањето на Светска банка.

Во анализата на Светска банка, под наслов „Показатели за светскиот развој“, се наведува дека најголем природен прираст на населението на Балканот има во Косово, а оваа тенденција се очекува да продолжи и во следните години.

Во периодот од 2010 година до 2020 година, Светска банка предвидува Косово да има просечен годишен природен прираст од 0,7 проценти, што би претставувало една од највисоките стапки на природен прираст во Европа. Втора е Албанија со годишен природен прираст, кој се предвидува да изнесува 0,2 проценти, а потоа е Македонија, (која, според Светска банка, „има голем процент на албанско население“), со нулта стапка на прираст, односно со ист број на новородени и на починати.
Во сите други земји од Западен Балкан во наредниот период, до 2020 година, ќе има негативен природен прираст, се оценува во анализата.

 

(Пишува: Горан Момироски
Текст објавен во 93. број на неделникот „Република“, 13.06.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top