Историјата на македонските влади почнува со Никола Кљусев. Тој е првиот македонски премиер, кој ја предводеше техничката владата во 1991 година. Владата беше избрана по воведувањето на политичкиот плурализам и по одржувањето на првите повеќепартиски парламентарни избори во 1990 година. Избрана е од Собранието на Република Македонија на 20 март 1991 година. Оваа влада ќе биде запаметена како влада во чијшто мандат е одржан референдумот за независност на Македонија и е усвоен Уставот на Република Македонија.
И по Љубчо пак Бранко
По Љубчо се враќа Бранко. Тој ги добива изборите во 2002 година. Коалицираат СДСМ, ЛДП и ДУИ. Првиот состав ја врши власта до 2 јуни 2004 година, кога е избрана нова влада, поради тоа што Црвенковски ги добива претседателските избори. Тој седнува во претседателската фотелја, каде што останува четири години, од каде што и се пензионира. Се враќа во СДСМ, за минатата година да се повлече од лидерската позиција. Но многумина од неговата партија тврдат дека неговото повлекување не е целосно. Влијанието на Црвенковски во СДСМ е сѐ уште присутно. Во оваа влада беше Владо Бучковски, кој подоцна беше и премиер и лидер на СДСМ. Му се судеше за злоупотреба на службена положба за резервните тенковски делови. Денеска има своја партија Алијанса за позитивна Македонија. Радмила Шекеринска е, исто така, една од наследничките на фотелјата на Црвенковски во СДСМ. Сега е заменик на Зоран Заев, раководството што одбегна одговорност на последните избори. Муса Џафери е сѐ уште активен во политиката како вицепремиер, Хари Костов се посвети на економијата, како директор на Комерцијална банка, Илинка Митрева се посвети на професорската дејност, предава француски јазик. Петар Гошев е пензионер, деновите ги поминува во куќата во Козле, Исмаил Дарлишта беше избран за уставен судија во 2008 година, Милаим Ајдини е член на Комисијата за хартии од вредност, Реџеп Селмани е директор на Ургентниот центар во Скопје, Александар Гештаковски до пред три-четири години беше директор на Агенцијата за државни службеници. Јован Манасиевски во 2011 поднесе оставка од функцијата претседател на ЛДП, по што се повлече од политиката. Работи во невладина организација. Азис Положани е сѐ уште активен во политиката. Беше најавен како кандидат за градоначалник на Струга од редовите на ДУИ, но на крај Албанците излегоа со заеднички кандидат. Славко Петров својата кариера ја продолжи како адвокат, а Благоја Стефановски му остана верен на театарот. Со својот „Мал драмски театар“, буквално, стана „колекционер“ на врвни европски и светски награди и признанија, но својот работен статус го нема решено. Љубомир Јанев по министерувањето беше градоначалник на Кочани.
Составот на Владата во 2002 година
» Премиер: Бранко Црвенковски (СДСМ)
» Вицепремиер за евроинтеграции: Радмила Шекеринска (СДСМ)
» Вицепремиер за политички систем: Муса Џафери (ДУИ)
» Одбрана: Владо Бучковски (СДСМ)
» Надворешни работи: Илинка Митрева (СДСМ)
» Внатрешни работи: Хари Костов (СДСМ)
» Финансии и вицепремиер: Петар Гошев (ЛДП)
» Економија: Илија Филиповски (СДСМ)
» Правда: Исмаил Дарлишта (ДУИ)
» Транспорт и врски: Милаим Ајдини (ДУИ)
» Здравство: Реџеп Селмани (ДУИ)
» Локална самоуправа: Александар Гештаковски (СДСМ)
» Труд и социјална политика: Јован Манасиевски (ЛДП)
» Образование и наука: Азис Положани (ДУИ)
» Земјоделство: Славко Петров (ЛДП)
» Култура: Благоја Стефановски (СДСМ)
» Животна средина: Љубомир Јанев (СДСМ)
» Без ресор: Владо Поповски (ЛДП)
Откако Црвенковски стана претседател, кормилото во свои раце го зеде Хари Костов. Оваа функција Костов ја презеде на 2 јуни 2004 година, но ја вршеше само шест месеци, до декември истата година. Тогаш Стевче Јакимовски стана министер за економија, за потоа, во време на Бучковски да стане прв човек во Министерството за труд и за социјална политика. Се врзуваа одредени финансиски скандали поврзани со неговото министерување, но тоа никогаш не се докажа. Денеска е градоначалник во Карпош, а поради бунтовничкиот дух минатата година ја напушти СДСМ и формираше своја партија, ГРОМ. Никола Поповски, кој се смета за еден од најголемите домаќини во министерството за финансии, премина во професорската дејност. Предаваше на студентите на Европски универзитет. Силјан Аврамовски беше лустриран. Беше посочен како издавач на наредби во случајот „Темел“, кога тајно било следено поранешното раководството на ВМРО-ДПМНЕ во деведесеттите години на 20 век. Работеше како замена на Сашо Мијалков во УБК.
Промени во Владата во јуни 2004 година
» Внатрешни работи: Силјан Аврамовски (СДСМ)
» Финансии: Никола Поповски (СДСМ)
» Економија: Стевчо Јакимовски (ЛДП)
» Правда: Иџет Мемети (ДУИ)
» Транспорт и врски: Агрон Буџаку (ДУИ)
Оваа влада, која почна со Бранко Црвенковски, a продолжи со Хари Костов, имаше и трет состав. По оставката на Костов доаѓа Бучковски, кој остана на оваа позиција до 28 август 2006 година. Бучковски го донесе Минчо Јорданов, со кого денес ја формираа Алијансата за позитивна Македонија. Јорданов остана посветен на својот бизнис. Љубомир Михајловски – Џанго по полициската кариера почна да работи како адвокат. Адвокатка е и Мери Младеновска – Ѓорѓиевска. Владо Димов избега од земјава бидејќи беше гонет за злоупотреба на службената положба. Неколку години беше во бегство во Бугарија. Меѓународната потерница издадена против него е повлечена, а тој живее и работи во Софија, во болницата „Токуда“, каде што е шеф на Одделот за мини-инвазивна и лапороскопска хирургија. Се обвинува за незаконско вработувања на 17 лица во струмичкиот Медицински центар со што, според полицијата, злоупотребил 2,5 милиона денари. МВР отвори истрага за работата на поранешниот министер за транспорт и за врски Џемали Мехази, откако Државниот завод за ревизија објави дека незаконски и ненаменски биле потрошени повеќе од 1,25 милион евра државни пари. Денес работи како директор на Фондот за здравствено осигурување. Садула Дураку е градоначалник на Липково, политичкиот аналитичар Ризван Сулејмани влезе во Евро-атлантскиот совет на Македонија, а Зоран Шапуриќ е советник во Град Скопје.
Промени во Владата во декември 2004 година
» Премиер: Владо Бучковски
» Вицепремиер за економски систем: Минчо Јорданов (СДСМ)
» Внатрешни работи: Љубомир Михајловски (СДСМ)
» Одбрана: Јован Манасиевски (ЛДП)
» Правда: Мери Младеновска – Ѓорѓиевска (СДСМ)
» Економија: Фатмир Бесими (ДУИ)
» Труд и социјална политика: Стевчо Јакимовски (ЛДП)
» Здравство: Владимир Димов (СДСМ)
» Транспорт и врски: Џемали Мехази (ДУИ)
» Животна средина: Садула Дураку (ДУИ)
» Локална самоуправа: Ризван Сулејмани (ДУИ)
» Животна средина: Зоран Шапуриќ (ЛДП)
Груевски – три избори по ред
Во 2006 година победи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиниот лидер Никола Груевски на 28 јули доби мандат за создавање нова влада од претседателот Бранко Црвенковски. Новата влада е изгласана во Собранието на Република Македонија на 28 август. За новата влада гласаа пратениците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ДПА, НСДП, ДОМ, ПЕИ и од ВМРО-народна партија, со тоа што ВМРО-НП само гласаше за владата, но не стана дел од владината коалиција. Мандатот на оваа влада заврши на 26 јули 2008 година, по одржувањето на предвремени парламентарни избори . Живко Јанкуловски денеска е раководител на втор циклус студии на Факултетот за биотехнички науки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Вицепремиерката Габриела Коневска – Трајковска се повлече по две години поради здравствени причини, а во 2010 година почина. Лазе Еленовски е амбасадор во Белгија, Маневски се пензионираше, Рафајловска си продолжи со „Рафајловска консалтинг“, Славевски е професор на Економскиот факултет, Љупчо Мешков е прв човек на Комисијата на Агенција за пошти, Ацо Спасеноски е македонски амбасадор во Украина, Зоран Коњановски остана во власта, од Министерството за локална самоуправа во Министерството за одбрана, па во Министерството за земјоделство, Имер Селмани се посвети на медицината, Сулејман Рушити режира претстави, Илирјан Бекири неодамна имаше своја изложба на слики, Имер Алиу беше пратеник, Глигор Ташковиќ се врати во САД. Во мај 2007 година Партијата за демократски просперитет влезе во владината коалиција, па Абдураман Мемети беше ставен за министер за локална самоуправа на местото на Зоран Коњановски.
Составот на Владата во 2006 година
» Премиер: Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ)
» Вицепремиер за економски прашања: Зоран Ставревски (ВМРО-ДПМНЕ)
» Потпретседател на Владата: Живко Јанкуловски (НСДП)
» Потпретседател за евроинтеграции: Габриела Коневска (ВМРО-ДПМНЕ)
» Надворешни работи: Антонио Милошовски (ВМРО-ДПМНЕ)
» Внатрешни работи: Гордана Јанкуловска (ВМРО-ДПМНЕ)
» Одбрана: Лазе Еленовски (НСДП)
» Правда: Михајло Маневски (ВМРО-ДПМНЕ)
» Финансии: Трајко Славевски (ВМРО-ДПМНЕ)
» Економија: Вера Рафајловска (НСДП)
» Труд и социјална политика: Љупчо Мешков (ЛПМ)
» Транспорт и врски: Миле Јанакиевски (ВМРО-ДПМНЕ)
» Земјоделство: Аце Спасеновски (СПМ)
» Локална самоуправа: Зоран Коњановски (ВМРО-ДПМНЕ)
» Здравство и вицепремиер: Имер Селмани (ДПА)
» Образование и наука: Сулејман Рушити (ДПА)
» Култура: Илирјан Бекири (ДПА)
» Екологија: Имер Алиу (ДПА)
» Без ресор: Веле Самаковски, Глигор Ташковиќ (ВМРО-ДПМНЕ),
Аднан Ќахил (ПДТ)
На предвремените парламентарни избори во 2008 година повторно победи ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш во владината коалиција на местото на ДПА влезе ДУИ. Ивица Боцевски беше поставен на местото на Габриела Коневска, а сега тој е професор во средното училиште „Нова“. Џелал Бајрами е поставен за заменик-министер за транспорт. Перо Стојановски замина за амбасадор во Австралија, по што поради лични причини се врати. Бујар Османи се посвети на хирургијата.
Промени во Владата во декември 2008 година
» Потпретседател за рамковен: Абдилаќим Адеми (ДУИ)
» Потпретседател за евроинтеграции: Ивица Боцевски (ВМРО-ДПМНЕ)
» Економија: Фатмир Бесими (ДУИ)
» Одбрана: Зоран Коњановски (ВМРО-ДПМНЕ)
» Информатика: Иво Ивановски (ВМРО-ДПМНЕ)
» Труд и социјална политика: Џелал Бајрами (ДУИ)
» Здравство: Бујар Османи (ДУИ)
» Локална самоуправа: Муса Џафери (ДУИ)
» Образование: Перо Стојановски (ВМРО-ДПМНЕ)
» Култура: Елизабета Канчевска Милевска (ВМРО-ДПМНЕ)
» Без ресор: Веле Самаковски, Хади Незир (ДПТМ), Неждет Мустафа
На местото на Боцевски доаѓа Васко Наумовски, во чиешто време се случи и една од најважните работи за Македонците – визната либерализација. Тој беше професор, а сега е избран за амбасадор во Вашингтон. Тодоров имаше ротација – од образование замина во здравство.
Реконструкција во 2009 година
» Вицепремиер за економски прашања: Владимир Пешевски
» Финансии: Зоран Ставрески (ВМРО-ДПМНЕ)
» Вицепремиер за евроинтеграции: Васко Наумовски (ВМРО-ДПМНЕ)
» Образование: Никола Тодоров (ВМРО-ДПМНЕ)
» Земјоделство: Љупчо Димовски (СПМ)
Изборите во 2011 година донесоа 12 промени. Теута Арифи ги наследи евроинтеграциите, а Панче Кралев дојде во образование, за потоа да стане советник на премиерот за образование.
Промени во Владата во декември 2011 година
» Потпретседател за рамковен: Муса Џафери
» Потпретседател за евроинтеграции: Теута Арифи
» Надворешни: Никола Попоски
» Одбрана: Фатмир Бесими
» Правда: Блерим Беџети
» Економија: Ваљон Сарачини
» Здравство: Никола Тодоров
» Образование: Панче Кралев
» Локална самоуправа: Невзат Бејта
» Труд и социјална политика: Спиро Ристовски
» Животна средина: Абдулаќим Адеми
» Без ресор: Бил Павлески
Откако во 2013 година Арифи беше избрана за градоначалник на Тетово, во евроинтеграции дојде Фатмир Бесими. Oдбрана ја потполни Талат Џафери. Тахир Хани, пак, стана нов министер за локална самоуправа на местото на Невзат Бејта, кој стана градоначалник на Гостивар.
(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 93. број на неделникот „Република“, 13.06.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Новоизбраните мнистри денеска ја преземаат функцијата
-
Пратениците ги изгласаа новите четворица министри во Владата
-
Новите министри утре ќе бидат предложени до Парламентот
-
Министрите на СДСМ го кршеа изборниот законик на секој чекор: Државните ресурси беа ставени во функција на изборите и се купуваа гласови (галерија)