Тежок распоред на натпревари ќе имаат двајцата големи кандидати за титулата на Вимблдон, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал. Маките за српскиот ас кој е прв носител на турнирот во Лондон веројатно ќе почнат од втората рунда кога би требало да игра со искусниот Радек Степанек. Потоа се редат незгодни ривали од калибарот на Жо Вилфрид Цонга и Томас Бердих, кои се опасни на брзи подлоги, каква што е тревата на Вимблдон.
Ако нема изненадувања во полуфиналето би требало да гледаме одличен меч меѓу Ѓоковиќ и третиот носител и лански победник Енди Мареј.
Надал иако е прворангиран ја загуби привилегијата да биде прв носител, а промената не му донесе многу среќа. Веќе во втората рунда веројатно ќе има шанса да му се реваншира на Лукаш Росол, ривал што на сензационален начин го елиминира токму на Вимблдон во 2012 година. Ако ја мине таа пречка Надал ќе му оди на мегдан на хрватскиот бомбардер Иво Карловиќ, секако ако се оди според планот и нема изненадувања уште во раната фаза на Вимблдон.
Амбиции и свои сметки има и живата легенда на Вимблдон, Роџер Федерер. Швајцарецот има 7 титули на граснелмот во Лондон, сака и осмица, а незгодно за него е што веројатно ќе мора да игра против Жилиен Бенето веќе во второто коло. Францускиот тенисер му задава многу мака на Федерер во меѓусебните дуели. Федерер е во ист дел од ждрепката со Надал, а Ѓоковиќ е во делот од костурот каде е и ланскиот шампион Мареј.
Кај дамите Серена Вилијамс е прва носителка, но и таа немаше многу среќа во ждрепката, бидејќи може да игра против незгодната на трева Марија Шарапова во четвртфиналето. Двете тенисерки играа меѓусебе двапати на Вимблдон и билансот е 1-1, но се уште се памети пообедата на 17-годишната Шарапова во финалето во 2004 кога ја декласира Серена и направи вистинска сензација со освојување на титулата. Адут на Американката се импресивните 15 победи во серија против Русинката и вкупниот биланс од 16-2 во меѓусебните натпревари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


