| четврток, 6 декември 2018 |

Јолевски ја презеде функцијата министер за одбрана

-Да се биде дел од одбрана на татковината е чест и гордост. Да се биде дел од тимот кој континуирано ја прават горда нашата татковина насекаде низ светот, е предизвик на кој треба да му се пријде со должна почит. Да се биде министер за одбрана е чест, и гордост, но и голема одговорност

Ова го истакна новизбраниот министер за одбрана Зоран Јолевски на денешното преземање на фунцијата од досегашниот министер Талат Џафери.

Министерот Јолевски во своето обраќање пред присутните високи функционери од Министерството за одбрана и старешини од Генералштабот на Армијата на Република Македонија, додаде дека Република Македонија го има избрано патот на својата иднина, патот на целосна Евроатлантска интеграција.

– Јас сум определен заедно со вас да го продолжиме патот на реформите, со цел да ги уживаме придобивките на демократското општество, кои воедно се вредности на НАТО, Европската унија и современиот свет во целост, рече Јолевски.

Новоизбраниот министер Јолевски истакна дека ќе вложи максимални напори за подобрување на севкупните услови на припадниците на Армијата на Република Македонија за предизвиците на 21- от век.

– Нашите најдобри амбасадори, нашите мировници, мора да ги имаат условите за да продолжат гордо и достоинствено да не претставуваат насекаде низ светот, посочи тој.

Досегашниот министер за одбрана, Талат Џафери рече дека му претставува особена чест и задоволство оваа функција да ја предаде на личност со интегритет која верува дека ќе ги продолжи и заокружи започнатите процеси.

Во своето обраќање Џафери им се заблагодари на сите вработени во МО и АРМ кои совесно и професионално ги извршуваа своите задачи и им посака така да продолжат и во иднина што е единствен услов за успех и заедничко остварување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top