Денеска на програмата на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“се:
10.30 часот, Младински културен центар
Утринско доку-кафе со Младен Ковачевиќ, автор на филмот „Анплагд“.
12.00 часот, Младински културен центар – Џепно кино
„Анплагд“ – Младен Ковачевиќ, Србија
18.30 часот, Куршумли-ан
„Под смоква“ – разговори со Владан Петковиќ и Роберто Блат.
19 часот, Младински културен центар
„Раселените персони“ – Оса Бланк и Питер Брунел, Шведска
Пред четириесет години Пеле Персон тргнал со својот „ленд ровер“ од родното село во Шведска. По 10.000 километри поминат пат, стигнал во Пакистан каде што се заљубил и станал татко на две ќерки. Сега Персонови се на пат за Шведска, во потрага по слобода – ќерките се надеваат на истото по коешто копнеел татко им пред речиси половина век. Шведска е нивната ветена земја. Но и таму слободата е релативен концепт.
Кратки филмови од летната документарна школа „АКТив“
„АКТив“е разновидна и неформална образовна програма која опфаќа неколку сегменти како што се: креативно мислење и креативен пристап во процесот на пишување, истражување и развивање приказни за документарен филм, како и режија, камера и звук, монтажа и постпродукција.
„АКТив“ е партнерски проект на „МакеДокс“, „Право људски“ од Сараево и „ДокуФест“ од Призрен.
„АКТив“ за првпат се одржа во Призрен во јули 2013 година. Учествуваа 16 млади креативни луѓе на возраст од 18 до 25 години од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово, кои за една недела создадоа пет кратки документарни видеа.
21 часот, Куршумли-ан
„Испитување одвнатре“ – Џеј Росенблат, САД
Овој четириминутен колаж на архивски снимки хипнотизира преку апокалиптичното преиспитување на погрешните избори, дилемите, ранливоста и вербата.
„Алфабет“ – Ервин Вагенхофер, Австрија/Германија
Би го терале ли детето да пишува домашно ако ви кажеме дека пред тргнување на училиште, децата можат да изнајдат најмалку пет решенија за секој проблем, а веќе кон крајот на основното образование само едно или две? Би го запишале ли детето во училиште ако ви кажеме дека денешните деца во светот цртаат главно апстрактни цртежи во монохроматски бои наспроти детските цртежи во осумдесеттите години, кои претставувале конкретни форми во шаренило од бои? „Алфабет“ ја велича човековата имагинација, покажувајќи ни како ја губиме во училниците на стандардизираниот образовен систем и како стануваме совршен потрошен материјал за современото вртоглаво општество заинтересирано единствено за мерливи резултати.
23 часот, Куршумли-ан
„Сепидех – посегање по ѕвездите“ – Берит Мадсен, Данска
Ова е приказна за Сепидех, млада Иранка која сака да стане астронаут. Охрабрена од ветувањето кон починатиот татко дека ќе си го следи сонот, како и од својот учител, таа дење ја проучува астрономијата, а ноќе ги гледа ѕвездите. Не е лесно за млада жена во Иран да посега кон ѕвездите, прикована за земја со семејните традиции и културните кодекси. Но Сепидех е непоколеблива. А кога сакаш нешто многу, тогаш целата вселена ти помага. Добро, можеби не самата вселена, ама на пример, Анушех Ансари, протераната Иранка која стана првата жена-турист во вселената. И тогаш, сè што преостанува е да продолжиш да се бориш за она во што веруваш.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.