| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија има природни предиспозиции за развој на квалитетен рурален туризам

selo-t

Македонија е природно предиспонирана и има одлични услови за развој на квалитетен туризам, особено во руралните средини.

Потенцијалите мора да се искористат најмногу преку поттикнување на женското претприемништво и реализирање различни инвестиции.

Ова е пораката од денешната регионална конференција за развој на руралниот туризам што ја организира Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) во соработка со Фондацијата „Центар за жени-претприемачи“.

– Руралниот туризам е клучното решение за локален економски развој. Фокусот треба да се стави на типичното, традиционално производство кое најмногу го негуваат жените. Затоа и нивната улога е многу битна – истакна Алберто Погорелц, висок советник од Италија.

Од конференцијата треба да произлезат предлози за креирање балкански бренд, регионална стратегија за заеднички настап на интернационални пазари и меѓусебна поддршка.

– Нашата цел е да понудиме туризам на различности преку уникатен пристап за секоја земја и регион на Балканот, да креираме свесност за она што го имаме како понуда, да се поврземе и на туристи од трети земји, како Јапонија или Западна Европа, да им понудиме патување низ повеќе, претходно мапирани тури. Притоа е важно да се почувствува спецификата на руралните подрачја, храната и традицијата во секоја од државите – нагласи директорката на Фондацијата „Центар за жени-претприемачи“, Виолета Николова-Манчевска.

И  Николова Манчевска се согласи дека улогата на руралните жени е исклучително важна. Тие, рече, се директно инволвирани во руралниот туризам зашто таму живеат, работат, ја негуваат традицијата.

– Сакаме да ги искористиме нивните потенцијали и капацитети, да спречиме миграција село-град, да им помогнеме економски да зајакнат, да отворат сопствен бизнис во областите што најдобро ги работат, да останат дома и да заработуваат – додаде директорката.

Конференцијата е поддржана од Општина Гази Баба која, како што рече градоначалникот Тони Трајковски, се наоѓа главно во рурална средина. Од вкупната површина, 92 километри квадратни, 65 отсто се во неразвиено подрачје.

– Имаме огромен потенцијал, не само како општина, туку и како држава, но, за жал, многу малку сме успеале да реализираме заеднички регионални проекти, финансирани од меѓународните фондови – посочи Трајковски.

Општина Гази Баба веќе има изготвено стратегија за развој на руралните подрачја. Фокусот е ставен на инфраструктурата, земјоделскиот и шумарскиот сектор, економската состојба на граѓаните.

Предвидено е присуство на преку 60 практичари, истражувачи, едукатори, претставници на владини институции и невладини организации од целиот регион на ЦЕИ, ангажирани во областа на зајакнување на претприемништвото и развој на руралниот туризам.

На конференцијата учествуваат претставници од Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Хрватска, БиХ, Унгарија и Италија. Се очекува во завршниот официјален дел да се потпише меморандум за соработка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top