Големиот јубилеј, 70 години од постоењето на најстарата музичка институција во нашата држава, Македонската филхармонија, оваа година ќе се одбележи со настапот на оркестарот на отворањето на 54 –тото издание на фестивалот Охридско лето со големите ѕвезди Барбара Фритоли и Лео Нучи, како и со настапот на Дерик Меј на 2-ри август заедно со Македонската филхармонија.
-Имено, на 2-ри август во Охрид, Македонската филхармонија, ќе го изведе музичко сценскиот перформанс „Музика Универзалис“, со легендарниот Дерик Меј, кој на македонската јавност и е добро познат како продуцент и композитор на електронска музика, и како еден од најзначајните претставници на т.н Детроитски звук. Дерик Меј кого многумина го нарекуваат Мајлс Дејвис на електронската музика веќе ги има освоено сите познати европски и светски сцени и фестивали, а радува податокот што тој редовно гостува и во Република Македонија, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Перформансот „Музика Универзалис“ е замислен како едно музичко движење кое создава нови енергии, нови димензии, на македонската публика ќе и го доближи оргиналниот стилски израз на Дерик Меј, кој ќе биде преточен во новите аранжмани за оркестар кои ги изработи Емин Џијан.
-Во „Музика Универзалис“ ќе учествуваат наши познати уметници, а перформансот ќе биде проследен со светлосни, видео и аудио ефекти и специфични костими кои верувам дека ќе го предизвикаат вниманието на публиката, истакна директорката на Македонската филхармонија, Маја Чаначевиќ.
Иницијатор на проектот е продукцијата „Излет мјузик“ која активно е вклучена во реализацијата на сите сегменти од овој комплексен перформанс. Перформансот „Музика Универзалис“ ќе биде издаден и на ДВД со краток документарец за археолошките локации-амфитеатри во Македонија, кој ќе го снима Игор Иванов-Изи.
-Овој настан несомнено ги потврдува и заложбите на Македонската филхармонија, да ја концепира својата програма за поширок аудиториум, да ја доближи музиката особено до помладите генерации преку проекти кои се жанровски поблиски до нив.Ќе споменам дека во изминатиот период Македонската филхармонија понуди многу интересни и нови содржини за својата публика, настапи на познати ди-џеи во рамките на програмата „Види музика, слушни слика, доби книга“, настапи со врвни џез музичари, а не помалку интересни се и циклус концертите на филмска музика „Слушајте филм“, „Бродвеј во Скопје“ и др. Верувам дека овој музичко-сценски перформанс ќе биде уште еден успешен пример во низата проекти на Македонската филхармонија која несомнено е оркестар кој со својата програмска профилираност и квалитетот на изведбата може да се спореди со многу европски ансамбли, истакна министерката Канческа-Милевска.
За Дерик Меј ова не е првпат да биде во Македонија. Тој рече дека особен впечаток му оставила првата средба со организаторите во далечната 2000-та година кога за првпат настапил во Македонија.
-Целата идеја е на продукцијата „Излет мјузик“ и јас бев почестен кога ми кажаа дека планираат да бидам дел од него. Со овој проект ќе се постават нови граници во музиката, продуцентите навистина се надминаа, а мене ми е исклучително мило што околу мене имам толку трудољубиви луѓе кои имаат желба да створат нешто ново. Нивната желба наскоро ќе стане реалност, рече Меј.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Словенечкиот уметник со светско реноме Дарко Брлек доаѓа на 59-тото „Охридско лето“
-
Васо Ристов е „момче за се“ во културата: Можно ли е четири високи функции да обавува истовремено?
-
Министерството за култура ќе распише нови огласи за поништените седум конкурси за директори
-
Новиот закон за култура ќе има контрола врз темите, идеите и пораките што ги праќаат творбите и филмовите


