Денеска на „Македокс“ се следниве настани:
10.30 часот, Младински културен центар
Утринско доку-кафе со Татјана Божиќ, авторка на филмот „Среќни засекогаш“.
12.00 часот, Младински културен центар – Џепно кино
„Среќни засекогаш“ – Татјана Божиќ, Холандија
18.30 часот, Куршумли-ан
„Под смоква“ – разговори со Младен Ковачевиќ, Оливер Сертич и Братко Бибич.
19 часот, Младински културен центар
„Крв“ – Алина Рудницкаја, Русија
Мала мобилна амбуланта застанува во сите гратчиња, чиниш циркуски шатор. Во Русија донатори на крв има на секој чекор. Млади, стари, невработени, пензионери – сите стојат во редот. Државата плаќа 15 евра за половина литар крв, а за некои тоа е единствениот извор на приходи. Големата Руска империја е на залезот, а нејзините луѓе денес едвај врзуваат крај со крај. Руската економија се потпира речиси сосема на извозот и цената на нафтата. Русија е светски аутсајдер и за да преживее, продава нафта исто како и несреќниците кои без работа, си го заработуваат лебот со сопствената крв.
„Зелената змија – за вотката, човекот и дестилираните соништа“ – Бени Јаберг, Швајцарија/Русија
Вотката и Русија се познато клише – за едни шега, за други трагедија. Но вотката во Русија влече длабоки корени. Воден од желбата да открие една поинаква Русија, онаа која не постои во клишеата, режисерот тргнува на епско, па дури и утописко патување во утробата на Мајка Русија и пребродува тешки мамурлаци само за да ја открие човековата природа преку призмата на вотката под чие дејство чувствата и мислите течат без престан. Секојпат кога ќе ѝ дозволат на зелената змија да ги касне, филмските протагонисти влегуваат во зоната на самракот, во свет без религија и материјализам. И упорно му се враќаат зашто знаат дека првата пијачка по мамурлакот живот значи. Па ги заплиснува еуфорија, чиниш никогаш посилно.
21 часот, Куршумли-ан
„Гратинираниот мозок на Пупилија Феркеверк“ – ретроспектива на Карпо Година, Словенија
„Чумата“ – Неус Балус, Шпанија
Раул е фармер којшто сака да одгледува органска храна, па го најмува Јури да му помага во полето. Јури е борач од Молдавија кој заработува за живот во секоја можна пригода. Како што минува летото, така нивните лични приказни се испреплетуваат со приказните на три осамени жени: Марија, стара госпоѓа која била принудена да го напушти родното место и да оди во дом за стари лица; Розе, медицинска сестра од Филипините која тукушто пристигнала во Шпанија; и Марибел, проститутка која има сè помалку клиенти. Филмот е плетка од приказни, трогателен портрет на животот на периферијата на Барселона во кој главните ликови се играат самите себеси. Благодарение на четиригодишната заедничка работа со нив, режисерката одлично ги прикажува денешната несигурност и бунтовниот дух коишто тлеат во финансиски ослабената Шпанија.
23 часот, Куршумли-ан
„Анплагд“ – Младен Ковачевиќ, Србија
Филмот е алегорија за свирењето со листови, еден од најпримитивните музички инструменти, и универзалното бегство од реалноста преку музиката. Ова е приказна за Јосип, Вера и Пера, кои, иако во есента на својот живот, неуморно бараат убави зелени листови. Ретко кога музиката е толку оригинална.
„Гангстер те сака“ – Небојша Слијепчевиќ, Хрватска/Германија/Романија
Пред четврт век, Недељко Бабиќ, дотогашен столар, решил дека ќе го работи она за што има дарба. И станал стројник. Набрзо стекнал широка популарност, пред сè поради својата способност и препознатливите очила за сонце, но и поради прекарот – Гангстер. Кога ќе го ангажира убавата и млада Маја, инаку самохрана мајка од Бугарија, тој е сигурен дека го чека лесна работа. Но преку низа комични катастрофални состаноци со потенцијални среќници, филмот ја открива трагичната апсурдност на традиционалниот маж во современото општество: тврдокорниот конзервативизам е подлабок и од осаменоста и очајот да се најде она по што најмногу се копнее.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.