| четврток, 6 декември 2018 |

Во Охрид почна 47. Меѓународен семинар за македонски јазик

Денеска во Охрид почна  47. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура на кој е најавено учество на претставници од 20 држави.За време на двонеделниот престој, учесниците меѓу кои има од САД, Канада, Финска и за првпат од Азербејџан, ќе ги осознаваат и препознаваат знаењата за македонскиот јазик, литература и култура.

На семинарот ќе учествуваат 65 стипендисти, 16 магистранти, пет докторанти и осум професори кои во своите истражувања работат на македонистиката.

Предавањата ќе бидат во согласност со досегашните потреби и барања на стипендистите и се поделени на курс за лексикологија, семантика и фразеологија, курс по историско и културно наследство и курс за јазични вештини по македонски јазик.

Во рамки на семинарот традиционално ќе се одржи и 41. Научна конференција на која ќе присуствуваат 37 учесници од кои 13 од странство.

Новина е тоа што по повод 65-годишнината на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) предвидено е да се одржи и Отворен ден на универзитетот.

Годинашниот семинар се поклопува со одбележувањето на 65-годишнината од основањето на УКИМ и 70-годишнината од АСНОМ и официјализирањето на македонскиот јазик како службен јазик во Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top