На 17 јуни се навршуваат 24 години од основањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ, како наследничка на историското ВМРО. Денеска партијата организира свеченост по повод нејзиното основање.
Првиот чекор во создавањето на ВМРО, го направија група македонски интелектуалци, есента 1893 година. Борбата за самостојна Македонија продолжи и во периодот на стекнувањето на независност во деведесеттите години на 20. век. Тогаш, по основањето на 17 јуни 1990 година, новосоздадената партија ВМРО-ДПМНЕ беше единствената политичка сила која отворено се залагаше за одделување на Македонија од југословенската федерација, воскреснувајќи ја идејата за самостојна и суверена македонска држава, за заокружување на македонската државност и за меѓународно признавање на македонската држава, што денеска во Република Македонија стана реалност.
ВМРО-ДПМНЕ, како наследник на историското ВМРО, како што се наведува во историјатот на партијата, секогаш беше на првата линија во борбата за демократско етаблирање на Република Македонија.
Партијата е истрајна во намерата да ја извојува политичката битка за крај на транзицијата и за поскорешно етаблирање на Македонија во меѓународните односи, како полноправна членка на НАТО и на ЕУ.
ВМРО-ДПМНЕ е на власт во Македонија од 2006 година, а партијата ја води Никола Груевски, кој в четврток на 19 јуни се очекува и официјално повторно да застане на чело на уште една македонска влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.