
Вистинска бура од реакции предизвика вчерашното барање за апанажа на пратеничката група на СДСМ, не толку поради тоа што тие го искористуваат ова законско право, туку поради фактот што не го признавааат парламентот, ама парите од него ги сакаат за себе.
Во изминатиот период, особено заменик-претседателот на СДСМ, Радмила Шекеринска, беше меѓу најгласните во намерата да го оцрни Собранието. Ја напуштија неговата работа и го убедуваа членството да издржи, но тие се решија да побараат и да земаат апанажа.
Токму на ова вчера посочија и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои изјавија дека Шекеринска лицемерно бара апанажа од пратениците за кои вели дека се дојдени на власт по за нив нелегитимни избори.
– Ова нема врска со морал и етика. Шекеринска барањето го достави кратко пред рокот. Таа свесно не се стави себеси на пратеничка листа, сега бара пари, а нејзините сопартијци ги натера да поднесат оставки. Таа ги „вози“ своите колеги, а должна е да им го објасни нејзиното барање – истакна пратеникот Ромео Тренов.
Тој уште обвини дека Шекеринска успешно „пере“ по 5 илјади евра месечно за кирија, а сега ќе земе плус 1.000 евра.
Пресметките говорат дека Шекеринска, освен тоа што како што беше обелоденето, преку нејзиниот сопруг зема по 5 илјади евра кирија, за стан кој сами на себе си го издаваат, таа не се откажува и од правото на апанажа.
На претходните две седници за именување им беше доделена апанажа на вкупно 26 пратеници од СДСМ, кои јавно го оцрнуваа и не го признаваа парламентот, што според пресметките ќе ја чини државата еден милион и 600 илјади денари за еден месец, а на годишно ниво парламентот кого не го признаваат приближно ќе им исплати близу 20 милиони денари.
На листата пратеници кои ќе добијат апанажа се и Билјана Казанџиска, Менде Диневски, Ленче Николоска, Сафет Бишевац, Станка Анастасова, Самка Ибраимовски, Тања Томиќ, Маринела Тушева и Весна Бендевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


