| четврток, 6 декември 2018 |

Водата во Охридско Езеро со висок квалитет и безбедна за рекреација

NABORENO-OHRIDSKO-EZERO

Последните испитувањата што вообичаено ги спроведува Центарот за здравје од Охрид пред почетокот на главната туристичка сезона покажуваат дека водата во Охридско Езеро е со висок квалитет и безбедна за капење и за рекреација.

Како што беше соопштено на денешната прес-конференција, направена е целосна контрола на квалитетот на водата во езерото на македонска страна, при што е констатирано дека водата во 90 отсто од проверените примероци е од прва, односно втора класа.

– Направени се физичко-хемиски и микробиолошки анализи на 40 примероци вода. На потегот од „Свети Наум“ до плажата „Парк“ водата е од прва категорија. Мала деградација од втора класа е кај примероците вода земени околу пристаништето во Охрид, каде што има повеќе фрекфенција на пловни објекти. Слична е во состојбата со квалитетот на водата и на струшкиот дел од крајбрежјето, со прва класа на сите места освен кај Калишта и на местата на вливот на притоките во езерото – истакна Сашо Точков од Центарот за јавно здравје.

Тој нагласи дека и овој пат испитувањата покажаа дека најголеми загадувачи стандардно се притоките Велгошка, со четврта, односно петта класа, како и Сатеска и Коселска Река со втора, односно трета класа. Голем загадувач е и реката Черава на албанскиот дел на езерото кај селото Тушемиште, која е со вода од четрврта, односно петта класа.

Што се однесува до јавните чешми во Охрид и околината, кај сите водата е безбедна за пиење, со тоа што иако не се очекуваат некакви отстапувања, во текот на туристичката сезона постојано ќе се врши проверка на нејзиниот квалитет. Точков уште додаде дека Центарот за јавно здравје на крајот на мај и почетокот на овој месец спроведе прскање против комарци на територијата на општина Охрид, најавувајќи дека прскање против комарци ќе биде спроведено и на почетокот на идниот месец, откако ќе биде спроведно и авионско запрашување против комарци предвидено за крајот на овој месец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top