Поддршката за домашните фирми ќе продолжи и во наредниот период, пари во буџетот доволно има, економскиот раст е остварлив, а инвестициите и капиталните проекти ќе ја водат економијата напред. Ова во интервју за МРТ го изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески. Стопанствениците од земјава немаат потреба од грижи, бидејќи за раст на нивните бизниси постојат повеќе опции базирани на постојните, но и на новите економски политики.
– Ако сакаат да отворат ново работно место за лица што се помлади- ќе добијат ослободување од придонесите, ако го задржат уште 12 месеци. Ако сакаат кредит, ќе добијат нови 100 милиони евра по каматна стапка од 5,5 проценти што е субвенционирана од буџетот. Ако сакаат да инвестираат има и други продукти во Македонската банка за поддршка на развојот, кои ќе им помогнат да инвестираат во машини, опрема и слични, и да извезуваат. Најнизок данок во Европа ќе плаќаат и понатака. Добивката ќе биде ослободена од оданочување – изјави Ставрески.
Во следниот период дополнителна опција за раст на бизнисите на домашните компании ќе бидат и средствата од Фондот за иновации. Од друга страна, пак, најавеното нивелирање на казните, односно помали казни за помалите фирми, е уште една поволност за домашните компании.
Објаснувајќи ја економската програма на новата Влада, Ставрески најави богат спектар на мерки кој понатаму ќе се доградува согласно дијалогот со бизнис заедницата.
– Согласно динамиката која е најавена во програмата ќе течат сите мерки коишто се предвидени. Значи на почетокот се оние кои ги најавивме, а тоа ќе биде отписот на долгови, даночните ослободувања и она што е предвидено во програмата да се реализира во текот на оваа година. Меѓутоа, ќе работиме и работиме веќе на сите други мерки – се што е зацртано во програмата мора целосно да се исполни – нагласи Ставрески.
Нема причина да не се отворат 64.000 работни места
Растот на економијата и отворањето нови работни места остануваат во фокус на новата Влада. Ставрески тврди растот ќе го движат новите инвестиции, и домашни и странски.
– Токму затоа и кадровски се зајакнува Владата во тој дел, преку поголем број министри коишто ќе бидат директно одговорни за носење на странски инвестиции и со продолжување на добрите политики што ги имавме и досега – вели Ставрески.
Најавува дека дополнително ќе се задржи ниското даночно оптоварување, со атрактивна даночна клима, со бизнис амбиент кој ќе биде поволен, и со тоа што Република Македонија и понатаму ќе им нуди на инвеститорите компаративни предности во однос на конкурентите што се во регионот и пошироко.
– Ако претходно отворивме 119.000 работни места со помош на приватниот сектор, нема причина да не веруваме дека и сега е возможно да се отворат 64.000 работни места, со тоа што дополнително на високиот економски раст и новите фабрики во слободните економски зони, очекуваме и преку поддршката што ја даваме и за домашните работодавачи, преку директни ослободувања и плаќање придонеси и други мерки, да има отворање на нови работни места – нагласува вицепремиерот.
Подготвени за повисоки стапки на раст
Ставрески уверува дека буџетот е добро проектиран и дека средства има за сите мерки, може да ги издржи сите зголемувања, а воедно да обезбеди и поддршка за фирмите, но и да обезбеди должничка стабилност на земјата.
– Јавноста знае дека ние програмата ја правиме на еден начин што е многу аналитички со точни пресметки што можеме да направиме. Мериме, проценуваме, пресметуваме пред да ветиме – истакна Ставрески во интервјуто за МРТ.
Прогнозите на новата Влада се дека во првите 2 до 3 години, стапката на раст ќе се движи околу 4 до 4,5 проценти во просек, а при крајот на мандатот ќе може да се оствари стапка на раст помеѓу 5 и 6 проценти. Но, за да се остварат овие прогнози, Ставрески смета дека мора добро да се постават економските политики, да се создадат услови за инвестиции, да се поддржи тоа со висок износ на капитални инвестиции.
Овој раст е остварлив преку реализација на крупните проекти како што е пругата кон Бугарија, новите автопати што се предвидени, гасификацијата и сите други мерки.
Доколку нема нова криза во Европа, македонската економија е добро подготвена да оствари повисоки стапки на економски раст, тврди вицепремиерот Ставрески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!