Фабриките за слатки „Европа“ и „Макпрогрес“ чии производи деновиве беа на мета на српската инспекција, откако српската фабрика „Пионир“ ги обвини за фалсификат, денеска ги демантираа обвинувањата како неосновани и неиздржани.
Компанијата „Европа“ на денешната прес конференција најави тужби против српската компанија „Пионир“ и инспекциските служби кои го наложиле запленувањето на нивните производи, а ќе бара и надомест за нарушениот имиџ и изгубената добивка, за да го заштити својот бренд и професионално портфолио. Тужба против српската компанија и инспекциските служби веќе поднесе и официјалниот дистрибутер на „Европа“ за територијата на Србија.
– Начинот на работа на „Европа“ никогаш не се базирал ниту на плагијат, ниту на фалсификат, напротив, производите на нашата компанијата честопати биле напаѓани со плагијати од разни држави и завршувале со правни постапки – вели Савка Димитрова, претседател на управниот одбор на „Европа“.
Содржината на спорниот производ „Бомбон ноар“ , велат од „Европа“ е непроменета повеќе од 50 години колку што се произведува, а за првпат е евидентирана во каталог на „Европа“ во 1982 година.
– Составот на „Бонбон ноар“ и на „Негро“ бомбоните на „Пионир“ е различен. Слично е тоа што и двете се базирани на состојката лакриц, но процентот на масното полнење, филувањето и изгледот на самата бонбона воопшто не се исти. Лакриц во светот на бонбоните го користат неколку стотини производители и амбалажата на речиси сите нив е базирана на црна, бела и црвена боја, кои се врзуваат за имиџот на оваа состојка. Под оваа амбалажа бонбоната на „Европа“ се продава од 2003 година и оттогаш е и на пазарот во Србија, значи безмалку цели 11 години – појаснуваат од „Европа“.
Од македонската компанија истакнуваат дека инспекцијата во Србија постапила по барање на „Пионир“, без да навлезе во суштината, по што заплената на робата била извршена по слободна проценка.
Компанијата „Макпрогрес“ преку соопштение исто така ги демантираше обвинувањата на компанијата „Пионир“ поврзани со производот „Медењаци“ и најавуваат жалба на решението на српската инспекција која во овој случај, според македонската компанија, се ставила на страна на заштита на пазарот на домашниот производител „Пионир“.
-„Макпрогрес“ ниту прави фалсификати, ниту има намера, ниту ќе дозволи во своето портфолио на производи да има изглед со кој би ги повредувал правата за индустриска сопственост на било кој друг производите на било кој пазар на кој работи – велат од компанијата и потсетуваат дека ако се направи споредба да двете пакувања ќе се видат разликите кои се препознатливи за потрошувачите.
– Постојат сосема доволно елементи со кои графичкото решение на амбалажата на призводот на Винчини се разликуваат од она на Пионир Србија. Логото кое го користи Макпрогрес се состои пред се од исписот Vincinni, инаку заштитено име со меѓународна важност -стои во соопштението во кое се додава и дека пакувањата се разликуваат и по бојата која за Винчини е темно виолетова, а кај Пионир светло црвената.
Во врска со случајот се огласи и Стопанската комора на Мекдонија која најави дека кај својот партнер во Србија, тамошната Стопанска комора ќе се заложи за целосно решавање на случајот во најбрз рок и преку легални процедури, со цел да им се овозможи на македонските компании да продолжат со извозот на производите препознатливи по квалитетот и на српскиот пазар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Европа го освои „Лејвер купот“ (Видео)
-
ВМРО-ДПМНЕ: Македонија ќе оди напред во ЕУ и во НАТО, но без Заев
-
Студен бран од Сибир ја зафати Европа: Неверојатно ниски температури во Франција, Италија, Полска, тројца починаа од студ (фото)
-
Во Австралија беснее грип поопасен од свинскиот – се шири и кон Европа