Македонија веќе има неколку странски компании кои работат во индустријата за производство на автокомпоненти за разни типови возила. „Џонсон контролс“, „Џонсон Мети“, „Кромберг и Шуберт“, „Технохозе“, „Кемет електроникс“, „Ван Хоол“, „Дрекслмајер“, „КСС“ во Кичево, но и новата германска компанија која објави влез во земјава „Техникал tекстил“, работат токму во овој сегмент.
Дека земјава е надежна и конкурентна дестинација за автомобилската индустрија потврдува и Виктор Мизо, директорот на ТИРЗ, кој вели дека автомобилската индустрија и индустријата со електроника се најмобилните индустрии во светот кои секогаш бараат поконкурентна локација, а Македонија е земја која нуди поволни услови за инвестирање.
– Ако ја земеме на пример Европа кон средината на осумдесеттите, голем број од автомобилските компании како за производство на автомобили така и добавувачите, прво се преселија на Пиринејскиот полуостров, во Шпанија и Португалија. Со отварањето на Источна Европа, почетокот до средината на деведесетите, тоа беше случајот со Полска, Унгарија, Словачка, Чешка, постепено и Романија, сега го гледаме трендот дека и од таму се сели производството, од неколку причини, прво голем број на компании се веќе влезени во тие земји така што расположливоста на работната сила е драстично намалена не само заради тоа што голем дел од луѓето се вработени туку и заради тоа што постои емиграција на соодветен кадар кон Западна Европа, Германија Велика Британија и сл..но истовемено трошоците во тие земји се драстично зголемени, она што беше конкурентно во средина на 90-те, сега не е доволно – објаснува Мизо.
Мизо вели дека главните поволности што се пресудни во одлуката да се инвестира во Македонија се поволната и стабилна бизнис клима поддржана со ниски трошоци за водење бизнис, како и активната промоција и квалитетот и расположливоста на ценовно-конкурентната работна сила.
– Дополнително што арапската пролет и состојбите во Украина ги намалуваат можностите за нови трошковно конкуренти дестинации, но истовремено дестинации каде што има соодветна работна сила и тука се повеќе ние влегуваме во игра а важно е што овој процес на привлекување странски инвестици од 7 години сега конечно се гледаат резултатите – додава Мизо.
Според него, дополнителен импулс во насока на привлекување нови инвестиции во овој индустриски сегмент даваат и знаците на заздравување на автомобилската индустрија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



