Македонија има своја култура, има своја традиција, Македонија има историја. Страниците на историјата можат да бидат напишани од човечка рака и дух, но постојат сведоштва, кои приказната ја прават вистинска. Многу убавини, многу реткости што се вистински предизвик, многу историски сегменти, традиционални отпечатоци низ времето, но и новосоздадени атракции, кои нудат уживање за туристите.
Велешко Езеро , сместено на излезот од Велес, е езеро- атракција, место за уживање и за него не постои ограничен временски период за посета. Тоа е атракција во сите сезони, а свежата риба подготвена на многу начини знае да намами многу посетители во секое време од денот, во работните и неработните денови и во текот на годината, студено или топло.
– Јас пред неколку години бев ангажиран нуркач во Велешко Езеро преку проектот спонзориран од хрватската амбасада. Далеку од тоа дека сомовите се потешки од еден тон, тоа е веќе приказна, но вистина е дека се огромни и дека тежат 300-400 килограми, а во себе можат да внесат уште толку храна, вели еден млад велешанец, кој ужива во нуркање на дното од езерото, за приказната со сомовите во Велешко Езеро.

Велешани градот го носат во срцето. Го сакаат со сите негови убавини и мани. Со тесните сокаци и со еднонасочните улици на кои нема каде да паркираш.
– Го сакаме и кога е преплавен со вода, па се тешиме дека ни личи на Венеција, и кога е како под вршник и пече на повеќе од 40 Целзиусови степени, и мислиме дека сме на некоја убава плажа. Тоа е Велес – велат велешани.

Спомен-куќата на Касапови е еден од многубројните обележја на градот. Цели 170 години куќата стои изградена на карпа. Старата убавица, речиси два века е еден од најубавите споменици на велешката староградска архитектура. Се гледа од повеќе страни во Велес – од Долни дуќани, од спротивната страна од местото Црна џамија, од стариот мост или од дворот на црквата „Свети великомаченик Пантелејмон“, но и од малата црква „Света Недела“.
Легендата за лековитата вода кај куќата на Касапови
Спроти куќата на Касапови, на улица Максим Горки, во стариот дел на Велес се наоѓа природен извор, каде што водата се собира во кладенец. Не е чешма, ама некогаш ја имало, но годините и негрижата ја уништиле. Според соседите, водата има лековито својство. Приказната вели дека една жена од Прилеп по име Трајанка, која имала неподвижен син, дошла тука и го уредила кладенецот. Биле на секакви доктори ама лек за детето немало. Една вечер во сонот, еден глас ѝ рекол дека треба да оди во Велес, на место меѓу три цркви и пат што води лево од главниот. Иако таа никогаш не била во Велес, сликата била мошне жива, впечатлива. Тој ден го игнорирала сонот, но тој се повторил. Потоа се решила и дошла во Велес. Веднаш го нашла местото, затоа што толку било јасно кажано во сонот, иако никогаш не била тука. Работела сама два дена, на нозете ѝ се залепиле безброј пијавици, но таа не застанувала, го чистела пределот и водата. А таму сѐ било обраснато. Никој за ништо не ја користел чешмата.
– Спиеше во хотел или во преноќиште, затоа што не беше некоја богата. Ја направи чешмата тука покрај ѕидот, како и овој кладенец, го исчисти изворот од треви, земја. Се изми пред тргнување и тогаш ни го раскажа видувањето, сонот и маката, И замина за Прилеп. Сакате верувајте, сакајте не, кога дошла дома,синот бил исправен, се движел. Не сега да трча, ама одел. Така остана ова место, како лековита вода. Малкумина велешани знаат за ова, ама тоа е така, раскажуваат велешани.

Велешани кога зборуваат за неа ја нарекуваат Куќата на Касапови, по презимето на нејзините поранешни сопственици. Ова неверојатно убаво здание, изградено меѓу 1835 и 1840 година, во пишан документ за првпат го забележал словенечкиот архитект, педагог и публицист Душан Габријан. На своите патувања низ Македонија од 1946 до 1950 година тој, заедно со група студенти, ја проучил, скицирал и фотографирал куќата. Професорот Габријан, всушност, ѝ го дал и името на куќата кога под нејзината фотографија запишал „Куќата што лебди”. И ова име е раширено меѓу велешани.

Независно кое име ќе го користите, велешани ќе ве упатат по вистинскиот пат да стигнете до куќата. Приближувајќи и се по сокаците над Долни дуќани, во близина на куќите на Васил Главинов и на Јордан Хаџи-Константинов – Џинот, прво што забележувате се високите sидови од кршен камен и дрвени слоеви. Со нив куќата е опкружена од три страни. Општина Велес го откупи ова здание од сопствениците и го реконструираше.

– Куќата е изградена на карпи, нема темели. Од левата страна, по влезот има покриена штала каде што се чувала стоката што е купувана за колење. Најмногу работа имало во октомври, кога се подготвувала пастрма и се носеле кози и овци. Долу во приземјето има голема студена соба, која е обложена со два- три прста дабово дрво. Во неа имало каци каде што се чувала пастрмата. Колку голем мајстор бил дедо ми кажува тоа што и војската во Велес, во Кралска Југославија, ја снабдувал со месо. Не знам колку пари се потрошени за изградба на куќата, затоа што во нашата куќа не се правеше таков муабет, не кажа ниту дедо ми, ниту, пак, мајка ми знаеше. Таа, Родна, беше касап, иако беше жена, и помагаше при продажбата на кожа – раскажува Петар Перков, кој потекнува од семејството Касапови.
Градена е со материјал од црквата „Св. Пантелејмон“ и со 5.000 оки вино
Куќата на Касапови е градена со ист материјал како и црквата „Св. Пантелејмон“ затоа што се во непосредна близина.
– Куќата е градена во 1846 година, почнал да ја гради дедо ми Диме, во исто време кога е градена црквата „Св. Пантелејмон“. Мајсторите што ја граделе биле од Мелница, градена е од камен, кој е носен од близина на „Св. Пантелејмон“, а останал од градбата на црквата. Тие двете се покриени со исти камени плочи, кои се донесени од село Попадија, тоа е кај село Извор, ги носеле на биволски коли со две тркала затоа што биле многу тешки, раскажал Петар Перков, сопственикот на куќата.
Тој со неговата сопруга Марија живееле во местото каде што подоцна била фабриката за ќунци „Вила Зора“. Но бидејќи им било далеку да одат секојдневно до кланицата, која била блиску до вливот на Тополка во Вардар, под пругата, попатно нашле место што е слободно. Наоколу биле изградени куќи, но тоа место било карпа и останало празно. Затоа Димче решил тука да ја гради куќата.
– Мајсторите не работеле по план или нацрт, туку по кажувања на дедо ми Диме, како тој барал така се ѕидало, какви потреби имал, така ја изградил. Есента кога се градела куќата дедо ми имал резерва од 5.000 оки црно вино и не можел да го продаде, немало интерес. Сите велешани имаат по нешто грозје, прават вино, секоја куќа го има и за да не остане виното да зафаќа простор од старата куќа, да не го селат во новата куќа, ѕидот што ја обиколувал и штител од улицата е граден со вино место со вода. Така пет илјади оки завршиле во материјал за куќата – открива Петар Перков.
Најубавата соба била одајата, гостинската, каде што имало миндер, касели, розета, доградба каде што се поставувал послужавникот за верскиот празник Прочка, кога доаѓале гости, а на кој се поставувала тепсијата со баклава. Во таа соба се грееле на мангал, и тој бил во средина. Тоа е бакарен сад и со него се топлеле. Иако пуштал јаглероден диоксид, кој е штетен, ама така живееле.
Куќата била толку многу позната што во неа доаѓале гости од цела Југославија да ја видат, посетат, проучат, архитекти, градежници.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 91. број на неделникот „Република“, 30.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Спроти куќата на Касапови, на улица Максим Горки, во стариот дел на Велес се наоѓа природен извор, каде што водата се собира во кладенец. Не е чешма, ама некогаш ја имало, но годините и негрижата ја уништиле. Според соседите, водата има лековито својство. Приказната вели дека една жена од Прилеп по име Трајанка, која имала неподвижен син, дошла тука и го уредила кладенецот. Биле на секакви доктори ама лек за детето немало. Една вечер во сонот, еден глас ѝ рекол дека треба да оди во Велес, на место меѓу три цркви и пат што води лево од главниот. Иако таа никогаш не била во Велес, сликата била мошне жива, впечатлива. Тој ден го игнорирала сонот, но тој се повторил. Потоа се решила и дошла во Велес. Веднаш го нашла местото, затоа што толку било јасно кажано во сонот, иако никогаш не била тука. Работела сама два дена, на нозете ѝ се залепиле безброј пијавици, но таа не застанувала, го чистела пределот и водата. А таму сѐ било обраснато. Никој за ништо не ја користел чешмата.