| четврток, 6 декември 2018 |

Правници и економисти врие, продавачи нема

аврм

Врие од правници и економисти, а недостигаат општи работници, продавачи, келнери, чевлари, шивачи… Податоците, објавени на сајтот на Агенцијата за вработување, уште еднаш ја изцртаа загрижувачката слика и го нотираа опасно големиот јаз меѓу понудата и побарувачката на работна сила, анализира Лидер.

Според последните податоци на Агенцијата, а кои дневно и редовно се ажурираат, во земјава има 7.200 слободни работни места. Од нив, над 3.200 се во Скопје, околу 1.000 во Битола, 500 во Охрид, 400 во Штип, 300 во Куманово, по 200 во Струмица и во Велес, 150 во Тетово… И тука нема ништо чудно. Работни места се отвораат и затвораат во секоја економија. Но, ако се погледне профилот на работници кои го побаруваат компаниите, тогаш големата болка на домашното стопанство станува кристално јасна. Во моментов, најбарана професија е продавач со 731 слободно работно место. Се бараат 530 келнери, 360 работници за на лента, 350 шивачи, шанкери, магационери, бравари, заварувачи, готвачи, односно се бараат работни места за кои не треба поголемо формално образование. Но, компаниите имаат сериозен проблем. Не можат да најдат работници.

– На пазарот на труд има недостаток од квалификувана работна сила, и покрај тоа што, според Државниот завод за статистика, имаме висок процент на невработеност – потврдува и првиот човек на Конфедерацијата на работодавци, Миле Бошков.

И  компаниите од Бунарџик се соочуваат со слични предизвици. Обемот на работа им е зголемен, потребата од работници (автоматичари, машински и хемиски инженери) им е зголемена, но тешко им е да најдат  квалификуван кадар. Тоа го посочија и самите менаџери на компаниите, при сумирањето на ланските резултати.

– Тешко се наоѓаат автоматичари и хемиски инженери, струки што ги нема во Македонија. Ние соработуваме со факултетите, им кажуваме од каков профил на работници имаме потреба, а и самите организираме обуки за вработените – објасни директорот на „Џонсон Мети“, Џатин Такрар.

Компаниите не можат да најдаат соодветен кадар и покрај тоа што, според податоците на Државниот завод за статистика, во земјава има 275.225 невработени луѓе.

Во случајот со компаниите од зоните, каде се бара специфичен кадар со посебни вештини, некако и може да се објасни актуелната состојба, но што е со оние работни места за кои не треба некое повисоко формално образование? Зошто тие стојат празни? Од бизнис – секторот предупредуваат дека проблемот дополнително ќе се заостри наредниве години. Старите занаети полека изумираат, повозрасните работници со богато искуство ќе заминат во пензија, а голем дел од младите не сакаат да им се посветат на традиционалните занаети.

Магистри и доктори на науки седат без работа

Меѓу луѓето кои се водат како невработени има и магистри и доктори на науки – покажуваат податоците на Агенцијата за вработување.Без работа се 863 магистри и 20 доктори на науки. Повеќе од 16 илјади од невработените се со завршен факултет, а најбројни се дипломираните правници и економисти. Најголем дел од невработените ( речиси 36 илјади) се со завршено средно образование, а околу 30 илјади се без никакво или само со основно образование.

Невработеноста на младите – сериозен проблем!

Последните податоци на Државниот завод за статистика укажуваат на тоа дека невработеноста на младите е многу сериозен проблем. Ако вкупната стапка на невработеност, заклучно со последниот квартал од минатата година, изнесува 28,6 проценти, невработеноста кај лицата на возраст од 15 до 24 години изнесува цели 50,3 насто. Овој проблем го нотираше и Светска банка, при презентирањето на редовниот извештај за земјите од ЈИЕ. Економистката Доерти Доемланд порача дека со овој проблем, освен Македонија, се соочуваат сите земји од регионот, но и дел од земјите – членки на ЕУ.

-Решението на проблемот е во превземањето на структурни реформи, подобрување на деловната клима, во потребата да се инвестира во вистинскиот вид образование со цел, младите да поседуваат вештини кои им се потребни на фирмите, кои се барани на пазарот на трудот – порача Доемланд.

Над 25 милиони млади луѓе во ЕУ се без работа, проблем што европските лидери ќе го решаваат со шест милијарди евра.

-Ситуацијата со големиот број невработени лица, на возраст од 15 до 24 години, претставува губење на човечки ресури и таленти што Европа не може да си го дозволи – порача претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо.

Владини мерки за справување со горливиот проблем

Во моментов, во земјава се оперативни повеќе мерки и програми кои имаат за цел на младите да им се даде можност за работа, како и простор да го стекнат неопходното работно искуство и знаење. Се дава финансиска помош за отпочнување на сопствен бизнис, се одвојуваат средства за обука кај познат работодавач, има активни програми за практиканство и за самовработување. Дополнително, компаниите се ослободени од плаќање персонален данок на доход и придонеси, доколку се решат да вработат млад човек до 29 години. Мерката резултираше со двоен, позитивен ефект: од една страна, се вработија млади луѓе, а од друга страна, мерката донесе дополнителни заштеди за компаниите

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top