Поразот на последните двојни избори за македонската опозиција беше само капка во морето. Веќе премногу време СДСМ потроши за да се најде во македонската политичка сцена. Седењето во опозиција цела деценија на оваа некогаш бастион-партија, покажа колку, всушност, постои безидејност и разединетост внатре, а сето тоа зачинето со страст за личен успех во партиската структура.
Актуелната позиција на партијата, која сака себеси да се нарекува чувар да социјал-демократските вредности, е дека не само што е разединета однатре, не само што актуелното раководство ја нема целосната верба од членството, туку ниту членовите ниту, пак, јавноста не е начисто кој, всушност, ја управува партијата. Како на решение на сета таа ситуација се гледа освојувањето власт. Со сувопарни програми и инаетливи чекори, без решени внатрешни програми, опозицијата е во континуирана борба со ВМРО- ДПМНЕ. Без да мисли на последиците, влегува во непромислени зафати со долготрајни последици, за себе, за граѓанството, за државата.
Но, тоа што е одраз на внатрешните проблеми е недостигот од енергија за да може, навистина, да предизвика политичка криза. Нема ниту лик во вид на лидер што би повикал на сериозен бојкот, ниту, пак обединетост на членството, ниту, пак, има симпатии во јавноста за да може да се излезе на улица и да создаде политички судир и криза.
– Далеку од реалноста се нивните заложби и политика и во насока на националните интереси – околу уставното име на државата, и во насока на меѓуетничките односи – вели за „Република“ политикологот Жидас Даскаловски.
Како втор проблем тој ги истакнува немањето јасна програма и стратегија со водење негативна кампања кон власта и институциите воопшто. Во однос на ревидирање на идеологијата, меѓу другото, Даскаловски посочува на „главните ликови“.
– Главните ликови во партијата се далеку од работничката класа, односно од ниската и средна класа. Тие што се видни членови, предводници на партијата, се идентификуваат со раководните структури и функционери од минатиот систем. Особено што не е јасно кој е лидер на СДСМ, во донесувањето одлуки на партијата се јавуваат и Заев и Шекеринска, а видовме дека тоа го прави и Црвенковски. Во тој дел, ставањето непознати имиња на изборните листи само ја искомпликува сликата за дисконтинуитет со нејасно водство – додава Даскаловски.
Каде оди опозицијата?
Поделеноста меѓу членството во СДСМ е видливо и со голо око, и покрај апелите и привидот со кој се сака да се создаде слика на единство во јавноста. Дел од доскорашните пратеници, кои за време на последниот конгрес беа истуркани и омаловажувани, сега си ги побараа правата за финансиски надомест – апанажа од Собранието. Истовремено раководството бара негирање на законодавната институција и ги присили новоизбраните пратеници да поднесат оставки. Како да се работи за две одвоени партии, со две одвоени платформи и идеологии.
Во време на подготовка на овој текст, актуелна беше позицијата на пратеничката Роза Топузова-Каревска, која признава дека не гледа јасна стратегија што ќе постигне опозицискиот блок со поднесувањето оставки.
– Не сум убедена дека дејствувањето надвор од институциите ќе биде соодветен одговор во борбата за демократија со режимот на власта. Мислам дека местото на народните избраници е во Собранието каде што треба да ги застапуваат интересите на граѓаните што ги избрале – вели Топузова-Каревска за „Утрински весник“.
По Топузова-Каревска тргнаа и други избраници на граѓаните. Не се согласуваат со раководството и со преземените чекори, без притоа да се има јасна стратегија, со редефинирани почетни позиции. Искусните сопартијци не препознаваат дека бојкотот на институциите ќе создаде енергија со која опозиција би предизвикала сериозна криза, која би довела до нови избори и би создала услови за преземање на власта.
Од членството и од граѓаните беше осуден и „стратегискиот“ потег на СДСМ да го оправда насилството во скопската населба Ѓорче Петров. Всушност, само покажа дека џокерот – вадењето луѓе на улица за предизвикување сериозна политичка криза, е потрошен.
Сериозна партија во опозиција прво што прави е преиспитување на идеологијата и изградба на нова платформа, која, објективно, би го обединила членството и би повлекла нови симпатизери. Пред сѐ, интелектуалци од кои би се создало нов јадро, нова енергија, околу која би гравитирало гласачкото тело. Дури тогаш ќе може да се каже дека почнале реформи поголеми од смена на симболите – дали место тупаница ќе има роза, или место сина ќе има виолетова боја на вратоврските. Но тоа, пак, значи дека такво ново јадро би ја презело партијата од раководствата со старо-нови лица.
Идеологијата е сосема загубена во СДСМ, така што не би ни можеле да разговараме за платформа, посочуваат извори од СДСМ за „Република“, кои, разбирливо, посакаа да останат анонимни.
– Платформа и идеологија се разгледуваат и се редефинираат при дискусија на највисоките партиски тела. Тука на Централниот одбор би требало да се кршат копјата за тоа каде треба да оди партијата и како да се дејствува во иднина. Тоа не се прави со потврдување на напишаните материјали со кои раководството – во случајов двоецот Зоран Заев и Радмила Шекеринска – доаѓа на состанок на кој потврда се добива од блиските соработници, кои се избрани од нив. Тоа не се прави со луѓе што сакаат да се заштитат себеси и своите интереси со потврдно нишање на главата – велат членови на СДСМ.
– Ако и се зборува за интелектуалци, тоа не може да бидат тие што за „еден грст долари“ би требало да одржуваат интернет-портали за да се поддржуваат чекорите на политичките врвови во опозицијата. Тоа треба да бидат луѓе што ќе имаат критички однос и кон власта, но и кон опозицијата – а тоа му недостига на СДСМ. Интелектуалец не значи само завршени школи, туку критичко размислување и видување на состојбите во насока на сеопштата добросостојба во државата – додаваат тие со кои контактираше „Република“.
Во тој контекст се посочени автори на текстови и личности што имаат задача да ги оправдаат и подбуцнувањата на меѓуетнички тензии и судири, негирање на институциите, негирање на сѐ што е направено од власта, без притоа да се понуди реално согледување на состојбите – „ајде да не речам да се пофали власта“ – како што додаваат нашите извори.
Кој ги води СДСМ, ЛДП и НСДП?
За да биде чиста работата за тоа каде би требало да оди опозицијата и врз која идеолошка платформа, прво треба да се расчистат недоумиците кој ја води опозицијата? Односно, кои се лидерите на коалицијата што дејствува единствено чекорејќи по теркот на СДСМ?
За време на подготовките на конгресот на СДСМ едно интервју со почесниот претседател Бранко Црвенковски го разниша и така напукнатиот брод, па беше неопходно Зоран Заев да замине на средба кај Црвенковски во обид да ги консолидира партиските редови. Тоа покажува на колку тенки стаклени нозе стои опозицијата. Кој е, всушност, лидерот? Црвенковски? Заев? Шекеринска? Таканаречените нивни „крила“?
За апсурдноста да биде поголема, во таа борба и безидејност се влезени и две помали партии – сателити на СДСМ. НСДП и ЛДП, место да го заземат приматот што СДСМ непромислено им го остава на тацна, се обидуваат со другарска поддршка да му помогнат на големиот брат. Така, двете партии останаа без посебен идентитет. И доколку НСДП е „крило“ на СДСМ, губењето на идентитет најмногу се отсликува во дејствувањето на ЛДП.
Дел од членовите во СДСМ посочуваат на Тито Петковски и неговите нови социјалдемократи како на главни виновници за поразот на СДСМ во 1996 година. Тогаш Петковски од митинзите порачуваше дека „ниту кожени гаќи нема да го спасат Црвенковски“. Кога сите очекуваа од таму да дојде нова платформа и преиспитување на идеологијата, Петковски се залепи за СДСМ поддржувајќи ги во актуелната безидејност.
Во ЛДП состојбата не е појасна. Откако партијата со поткрепа на СДСМ доби градоначалничко место во општина Центар, многумина дискутираат за тоа кој е вистинскиот лидер-градоначалник – Андреј Жерновски или Ристо Пенов?
ЛДП по реакцијата на Роза Топузова-Каревска излезе со став дека таа нема да биде исклучена од партијата. Сепак, останува нејасно кого ќе претставува Топузова-Каревска – политичка партија што не ги признава изборните резултати и собранискиот состав?
– Ваквата одлука на ЛДП значи дека постои капацитет за внатрепартиско демократско дејствување, но и дисонантност кон надвор – кусо анализира Даскаловски.
Сѐ на сѐ, опозицијата нема сила, ниту волја за промена. Своите недостатоци, како и во периодот на владеење, ги затскрива зад „големите идеи“. Само сега, по една деценија во сенка, најголемата идеја е освојување избори. На кое било ниво. Ослепени од одмаздољубивост кон ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата не внимава ниту на идеологија, ниту на програма, ниту на пораките кон членството или гласачите. Ниту на последиците што може да ги предизвика. Пловејќи слепо кон својот Моби Дик, се чини, СДСМ ќе се удави како Ахаб барајќи одмазда за трајното осакатување. Та дури и врвот на „харпунот да се натопи во крв“.
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 91. број на неделникот „Република“, 30.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.